„Оваа политика, спроведена како дел од масовното убивање на палестинските цивили во Газа, значи дека израелските власти го извршиле злосторството истребување, кое е во тек. Оваа политика, исто така, претставува ‘чин на геноцид’ според Конвенцијата за геноцид од 1948 година“, вели ХРВ во извештајот.
Израел постојано отфрла какво било обвинение за геноцид, велејќи дека го почитува меѓународното право и има право да се брани по прекуграничниот напад на Хамас од Газа на 7 октомври 2023 година, кој ја забрза војната.
Иако во извештајот ускратувањето на водата е опишано како акт на геноцид, тој истакна дека за да се докаже злосторството геноцид од израелските официјални лица ќе биде потребно и да се утврди нивната намера. Некои високи израелски функционери беа цитирани дека сугерирале дека „сакаат да ги уништат Палестинците“, што значи дека ускратувањето вода „може да биде кривично дело геноцид“.
„Утврдивме дека израелската влада намерно убива Палестинци во Газа со тоа што им ја ускратува водата што им е потребна за да преживеат“, рече на прес-конференција Лама Факих, директор на Хјуман рајтс воч за Блискиот Исток.
ХРВ е втората голема организација за човекови права за еден месец што го употреби зборот геноцид за да ги опише акциите на Израел во Газа, откако Амнести интернешнел објави извештај во кој заклучува дека Израел извршил геноцид.
Двата извештаи дојдоа само неколку недели откако Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен шеф на одбраната за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото. Тие ги негираат обвинувањата.
Конвенцијата за геноцид од 1948 година, усвоена по масовното убиство на Евреите во нацистичкиот холокауст, го дефинира злосторството геноцид како „акти извршени со намера да се уништи, целосно или делумно, една национална, етничка, расна или религиозна група“.
Во извештајот од 184 страници на Хјуман рајтс воч се вели дека израелската влада ја секнала водата во Газа, ја исклучила електричната енергија и го ограничила горивото, што значи дека не може да се користат сопствените водоводни и санитарни капацитети во Газа.
Како резултат на тоа, Палестинците во Газа имаа пристап до само неколку литри вода дневно во многу области, далеку под прагот од 15 литри за преживување, истакнува ХРВ.
Во израелските напади загинаа повеќе од 45.000 Палестинци, раселени се повеќето од 2,3 милиони жители, а голем дел од крајбрежната енклава е претворен во урнатини, истакнува Ројтерс.