среда, 23 октомври 2024

Харис и Блинкен во Минхен ќе ги уверуваат сојузниците дека САД ја чуваат нивната безбедност

Тешка задача ги чека американската потпретседателка Камала Харис и државниот секретар Ентони Блинкен на годишната безбедносна конференција која почнува утре во Минхен, каде треба да ги уверат сојузниците дека Соединетите Американски Држави и понатаму ќе ја чуваат нивната безбедност.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Харис и Блинкен ќе учествуваат на годишниот безбедносен настан помалку од една недела откако Доналд Трамп, фаворитот за номинација на републиканците на претседателските избори, кажа дека нема да ги штити членките на НАТО кои не трошат доволно за војската.

Меѓу Трамп и демократскиот претседател Џо Бајден се очекува тесна изборна трка во ноември, покажуваат резултатите на анкетите.

Бајден одлучи дека нема да учествува на годишната конференција, но Харис утре таму треба да одржи говор за „важноста на исполнувањето на американската улога во светското лидерство“ пред да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски и германскиот канцелар Олаф Шолц.

Внимателно ќе се следи способноста за лидерство на Харис откако минатата недела американското министерство за правосудство го објави извештајот на специјалниот обвинител, кој 81-годишниот Бајден го опиша како „постар човек со лоша меморија“. Трамп има 77 години.

Конференцијата се одржува во време кога конфликтот меѓу Русија и Западот ја турна во војна Европа, која со децении се труди да обезбеди мир, поткрепен со американските безбедносни гаранции за НАТО пактот, за кои Трамп се закани дека ќе ги отфрли.

Американскиот Сенат во вторникот одобри пакет воена помош за Украина, Израел и Тајван во вредност од над 95 милијарди долари, но за тоа можеби нема ни да се гласа во Претставничкиот дом, каде мнозинството го имаат републиканците.

Трамп на политички митинг во сојузната држава Јужна Каролина во саботата зборуваше за „деликвентното“ неплаќање на членките на НАТО и се потсети на разговор од минатото со шеф на „голема држава“ за можен руски напад.

„Не, не би ве штител. Всушност, би ја поттикнал Русија да прави што сака. Мора да плаќате“, му кажал Трамп на неименуваниот лидер.

Џереми Шапиро, управител на истражувањата за меѓународни односи во Европскиот совет, оцени дека Харис и Блинкен на конференцијата ќе испратат едноставна порака: „Ние ќе победиме на изборите“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ