Како и во претходните размени, вооружени борци со качулки од палестинското исламистичко движење парадираа со петте заложници на подиумите, пред големи плакати во чест на убиените борци на Хамас, пред да ги предадат на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).
Меѓународниот комитет на Црвениот крст потоа ги префрли во возила и ги предаде на израелската армија, која ги пренесе во болница.
Војската објави дека е ослободен и шестиот заложник, Хичам ал-Сајед, бедуин кој бил заробен во Газа речиси десет години. Тој исто така пристигна во Израел.
Останатите пет заложници беа киднапирани во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Војската соопшти претходно денеска дека тројца заложници, Омер Шем Тов, Илија Коен и Омер Венкерт, се ослободени и пристигнале на израелска територија по 505 дена поминати во заробеништво.
Утрово се ослободени уште двајца заложници, соопшти израелската војска, Тал Шохам и Авера Менгисту.
Сите заложници беа ослободени како дел од договорот за прекин на огнот со Хамас кој вклучува ослободување на стотици палестински затвореници.
Со ослободувањето на првите двајца заложници, семејството на Шири Бибас потврди дека нејзините останки се вратени во Израел, со што заврши неизвесноста по претходната размена на затвореници.
Телото што Хамас го врати во Израел во петокот преку Црвениот крст е идентификувано како на Шири Бибас, која беше киднапирана со нејзините два сина, Ариел и Кфир, за време на нападот на палестинското исламистичко движење на 7 октомври 2023 година, во јужен Израел, соопшти нејзиното семејство.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера го обвини Хамас дека „сурово го прекршил“ прекинот на огнот во Појасот Газа, тврдејќи дека не ги вратил посмртните останки на заложничката Шири Бибас.
Хамас претходно соопшти дека Шири Бибас и нејзините синови биле убиени во израелски напад, што Израел не го потврди.