Првата фаза на примирјето кое почна на 19 јануари истече денес, но според условите на договорот не треба да продолжат борбите додека преговорите за втората фаза се во тек. Втората фаза треба да ја заврши војната во Газа, да обезбеди повлекување на израелските трупи и враќање на преостанатите заложници. Според Израел 32 од 59 заложници кои сè уште се наоѓаат во Газа се мртви.
За време на првата фаза со која беше прекината 15-месечната израелска војна во Газа се предадени 33 заложници, вклучувајќи осум тела, во замена за речиси 2.000 палестински заробеници. Стотици илјади луѓе раселени за време на нападите се вратија во своите домови на северот на Газа, зголемена е доставата на помош на таа територија и израелските сили се повлекоа до тампон зоната.
Функционери на Израел, Катар, Египет и САД се вклучени во преговорите за втората фаза во Каиро. Хамас не учествува, но неговиот став е претставен преку посредниците од Египет и Катар.
Басем Наим, член на политичкото биро на Хамас кажа за Асошиејтед прес дека немало напредок пред враќањето на израелските преговарачи дома во петокот. Не се знае дали посредниците се вратиле денес во Каиро за да ги продолжат преговорите, како што се очекуваше.
Двете страни се договорија за примирје во три фази во јануари.