петок, 18 октомври 2024

Гужви за документи со „Северна“, на исто место се издаваат и итни и редовни пасоши

Гужвите на шалтерите на МВР во МТВ за издавање на нови лични документи со „Северна“ се ѝ поради тоа што е затворен шалтерот за итни пасоши. Информацијата за МКД.мк ја потврдуваат граѓани кои платиле околу 100 евра за пасош по итна постапка кој сега не можат да го подигнат поради преголемата навалица на луѓе пред шалтерите во МТВ каде се издаваат и оние за итна и оние за редовна кои платиле 2.000 денари за патна исправа. Од МВР пак велат дека информацијата дека овој шалтер е затворен не е точна, односно дека шалтерот е укинат поради технички причина, но е привремено додаден кој шалтерите за издавање на пасоши по редовна постапка. Со часови граѓаните чекаат за подигање на личните карти, возачките дозволи и патните исправи во зградата на МТВ. Редицата е долга и зад вратата од надворешната страна, каде што луѓе има и по скалите, а и зад шалтерите.

Објавено на

часот

Сподели

„Ве известуваме дека шалтерот за издавање на итни пасоши не е укинат туку од технички причини привремено е додаден кон шалтерите за издавање на пасоши по редона постапка“, стои во одговорот на МВР.

Вчера во дел од медиумите и на социјалните мрежи се појави видео кое беше направено од граѓанин, а на кое се гледаат турканици и редици за подигање на документи со „Северна“.

Претседателот Стево Пендаровски за процесот на промена на личните документи поради промената на уставното име на државата предлaгa пролонгирање на рокот за нивно вадење.

„Прво, тоа е срамно понижување на македонските граѓани. И непотребно. Второ, ова им го предложив на најмалку двајца министри во македонската влада – со брза интервенција во два закони – закон за лична карта и закон за патни исправи, и ако е потребно и законот за безбедност во патниот сообраќај, тоа се прави во едно попладне. Знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закони, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари да биде септември-октомври, претходно ќе ги известиме и Грците дека немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор“, рече пред два дена претседателот Пендаровски за ТВ Сител.

Премиерот Димитар Ковачевски на прашањето дали ќе се пролонгираат роковите за замена на документите со „Северна“ денес изјави дека за тоа ќе се разговара на седница на Владата, но „не е едноставно да се донесат законски измени што тангираат меѓународен договор“.

И Демократскиот сојуз предлага измена на законите со кои ќе се продолжи рокот за замена на личните документи.

„Демократскиот сојуз предлага Владата да предложи измена на законите со кои ќе се продолжи рокот за замена на личните документи (лични карти, возачки дозволи и пасоши) до крајот на оваа гoдина. Замената на лични документи е согласно со Договорот потпишан во Преспа, помеѓу Македонија и Грција, но повеќе од јасно е дека нема технички можности, како ни доволен кадровски потенцијал, за до почетокот на февруари да се заврши оваа операција. Овој состав на Владата, или техничката влада, треба да ги подготви законските измени, по што парламентот треба по итна постапка да ги донесе. Евентуалните отворени прашања со Грција треба дa се решат по дипломатски пат. Пред шалтерите на МВР се создаваат огромни и неподносливи гужви, каде што граѓаните во колони чекаат и по два дена за замена на документите“, побараа вчера од Демократскиот сојуз.

„Веројатно е поради тоа што се работи за проблем на голем број граѓани, ќе се консултирам со двајцата министри. Сите предлози што можат да се унапредат се добродојдени, ќе поразговараме на седница на Влада. Пендаровски сигурно добро знае, бидејќи беше координатор за НАТО. Ова е обврска што произлегува од меѓународен договор што е потпишан и со кој станавме членка на НАТО. Сепак се работи за уставните измени што беа донесени. Владата може да го олесни тој процес со отворање нов пункт, очигледно МВР треба да ги зголеми капацитетите. Но Пендаровски знае дека не е едноставно да се донесат законски измени што тангираат меѓународен договор“, изјави вчера Ковачевски.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ