Условите за спогодбата беа поднесени вчера во федералниот суд во Оукленд, Калифорнија, и се чека зелено светло од судијката Ивон Гонзалес Роџерс.
Адвокатите на тужителите ја проценуваат нејзината вредност од пет до 7,8 милијарди долари. Гугл нема да плати компензација, но корисниците можат да бараат преку приватни тужби.
Колективната тужба против Гугл беше поднесена во 2020 година во име на милиони корисници на Гугл кои ја користеа опцијата „инкогнито“ прелистување на интернет од 1 јуни 2016 година.
Тужителите тврдат дека аналитиката, колачињата и апликациите ѝ дозволуваат на матичната компанија на Гугл Алфабет да ја следи активноста на корисниците кои ја избрале „инкогнито“ варијантата на работа на прелистувачот, вклучувајќи го и Хром на Гугл.
Така, Гугл се претвори во „неодговорна ризница на информации“ за нашите пријатели, омилена храна, хоби, навики за купување и „најинтимните и потенцијално непријатни работи“ што ги бараме на интернет, тврдат тужителите.
Како дел од спогодбата, компанијата се обврза да ги ажурира информациите за податоците што ги собира при „приватно“ прегледување и во следните пет години на корисниците на опцијата „инкогнито“ прегледување ќе им овозможи да ги блокираат „колачињата“ на другите компании.
„Ова значи дека Гугл ќе собира помалку податоци од приватното прелистување на корисниците и ќе заработува помалку пари од податоците“, напишаа адвокатите на тужителите.
Портпаролот на компанијата Хозе Кастанеда изјави дека се задоволни од спогодбеното решение на тужбата, иако од самиот почеток ја сметале за неоснована.
„Никогаш не ги поврзуваме податоците со корисниците ако се во инкогнито режим“, рече портпаролот на Гугл. „Со задоволство ќе ги избришеме старите технички податоци кои не беа ниту поврзани со поединечни корисници ниту користени за каква било форма на персонализација“, додаде тој.