среда, 12 март 2025

Григоријан: Живееме во тешки времиња, Националната програма за развој, Зелениот финансиски инструмент и Маркова нога се наш приоритет

Постојаниот претставник на Програмата за развој на ОН (УНДП) Армен Григорјан во интервју за МИА нагласува дека меѓу приоритетите на организацијата во земјава се Националната развојна стратегија, Зелениот финансиски инструмент и изградбата на граничниот премин Маркова нога со соседна Грција, што започнува утре и е во рамки на проектот „ЕУ за Преспа“.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Григорјан во интервјуто не посочува дали ќе бидат скратени средства за проекти што се реализираат кај нас, имајќи ги предвид геополитичките случувања и најавените кратења на средства за одредени светски организации, но укажува дека на приоритетните проекти што треба и очекува да се реализираат.

„Живееме во тешки времиња. Би споменал неколку програми коишто ни се приоритет. И би сакале да продолжиме со нив. Националната програма за развој е нешто што го започнавме пред неколку години. Втората е партнерството на УНДП, Европската банка за реконструкција и развој, Владата на Република Северна Македонија и други бројни партнери насловено ‘Зелен финансиски инструмент’. Со наши пари од УНДП, преку Фондот за одржлив развој, овие пари (Зелен финансиски инструмент) се зголемија четирикратно од страна на ЕБРД. И последен, од првите три проекти кои без разлика на финансиската ситуација би сакале да продолжи тоа е ‘ЕУ за Преспа’. Утре ќе го означиме почетокот на изградбата на граничниот премин помеѓу Северна Македонија и Грција Маркова нога. Оваа иницијатива е финансирана од ЕУ, УНДП и Владата на Северна Македонија“, вели Григорјан.

Финансиската ситуација, вели тој, ќе влијае на сите нас.

„Мислам дека сите треба внимателно да ја разгледуваме и да се приспособувме во еден период“, нагласува Григорјан.

Постојаниот претставник на УНДП во Скопје Григорјан утре заедно со премиерот Христијан Мицковски и евроамбасадорот Михалис Рокас и членови на Владата ќе присуствува на официјалниот почеток на градежните работи за царинската зграда со придружната инфраструктура (Канцеларија на осигурителната компанија, јавни тоалети, резервоар за вода, нова станица за третман на вода кај трафостаницата, три пристапни патишта, паркинг) кај новиот граничен премин Маркова нога – Герман.

Како што информираат од Мисијата на ЕУ во Скопје, работите, вредни два милиони евра, се дел од финансиската програма ЕУ за Преспа, кој изнесува вкупно 21,5 милиони евра. Од нив, 18 милиони евра, односно 84 отсто се обезбедени од Европската унија, а остатокот се од националниот буџет.

„ЕУ за Преспа“ се спроведува преку два договора за придонес потпишани со УНДП. Опремата треба да ја испорача и инсталира националната царинска управа. Реконструкцијата на полициската зграда ќе биде покриена со дел од програмата Интеррег ИПА Грција – Македонија финансирана од ЕУ (вкупно 7,73 милиони евра, вклучително 1,2 милиони евра од Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија и 114,136 евра од општина Ресен) за финансирање на градежните работи од двете страни.

Граничниот премин се очекува да биде отворен во 2028 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ