„Рик ќе работи во некои од најжешките точки низ светот, вклучително и Венецуела и Северна Кореја“, рече Трамп на својата платформа на социјалните мрежи „Вистина“ без дополнително опишување на должностите.
Ројтерс јави дека Гренел ќе се фокусира и на тензиите на Балканот.
Гренел беше амбасадор на Трамп во Германија, специјален претседателски пратеник за мировните преговори за Србија и Косово и вршител на должноста директор на националното разузнавање за време на мандатот на Трамп 2017-2021 година.
По кампањата за Трамп пред изборите на 5 ноември, тој беше главен кандидат за државен секретар. Гренел важи за човек од голема доверба на Трамп.
На 14 август претседателот на Владата на Македонија Христијан Мицкоски, придружуван од министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, имаа средба со Гренел во Скопје.
Мицкоски со Гренел се сретна и во САД за време на посетата за самитот на НАТО во Вашингтон.
И од двете средби беа испратени слични соопштенија со особено потенцирање на регионалната безбедност.
„Се дискутираше за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, при што беше истакнато значењето на одржување на мирот, безбедноста, стабилноста и продлабочување на односите и соработката меѓу државите во овој дел од Европа. Посебен акцент беше ставен на односите помеѓу САД и Република Северна Македонија, како и на можностите за нивно дополнително зајакнување“, соопштија од владата.
Се разговарало и за инвестиции во енергетиката, особено за можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“, кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата.