понеделник, 3 февруари 2025

Грчкиот остров Санторини е во состојба на готовност поради можен силен земјотрес

Училиштата денеска се затворени, а тимови за цивилна заштита и други служби за итни случаи се распоредени на грчкиот остров Санторини по зголемената сеизмичка активност, што ја зголеми загриженоста дека е можен посилен земјотрес.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Наредени се мерки на претпазливост и за неколку блиски острови, популарни туристички дестинации, откако во изминатите три дена беа регистрирани повеќе од 200 подводни земјотреси во областа.

„Ова се мерки на претпазливост и властите ќе останат будни“, изјави доцна синоќа министерот за цивилна заштита Василис Кикилијас по вонредната владина седница во Атина. Тој ги повика граѓаните да се придржуваат до безбедносните препораки за да се минимизира ризикот.

Грчките експерти велат дека земјотресите со јачина до 4,7 степени не се поврзани со заспаниот вулкан на Санторини, но сметаат дека сеизмичката активност е причина за загриженост.

Спасувачките екипи на противпожарната единица со кучиња трагачи пристигнаа синоќа и поставија шатори во парковите и другите јавни површини. На локалното население и на туристите им е кажано да избегнуваат големи собири во затворен простор, а на хотелите им е наложено да ги испразнат базените, што е една од низата мерки за намалување на потенцијалната штета од земјотресот.

Санторини е водечка туристичка дестинација каде дневно пристигнуваат комерцијални летови, траекти и крузери. Островот привлекува повеќе од три милиони посетители годишно во своите села во бело изградени покрај драматичните карпи формирани во голема вулканска ерупција пред повеќе од 3.500 години.

Истакнатиот грчки сеизмолог Герасимос Пападопулос предупреди дека сегашната секвенца на земјотреси прикажана на сеизмичките карти како растечки кластер од точки помеѓу островите Санторини, Иос, Аморгос и Анафи, исто така, може да укаже на поголем земјотрес.

Сеизмологот рече дека сите сценарија се отворени, и дека е зголемен бројот на земјотреси, дека се зголемени нивните магнитуди и дека со овие тектонски земјотреси, а не со вулкански, е зголемен степенот на ризик.

Во главниот град на Санторини, Фира, локалните власти назначија собирни места за жителите како подготовка за потенцијална евакуација, иако градоначалникот Никос Зорзос истакна дека мерките се превентивни.

„Мораме да направиме подготовки, но тоа што сме подготвени за нешто не значи дека ќе се случи. Понекогаш може да има претерувања во извештаите, па луѓето треба да останат мирни“, рече градоначалникот за време на викендот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ