Според информациите на дописничката на МИА од Атин, сообраќајот, како за автомобили, така и за товарни возила и за влез и за излез од Грција кон Македонија се одвива регуларно.
Новата блокада на граничниот премин беше закажана за вечерва од 18 до 20 часот по македонско време, а намерата на земјоделците беше да ги затворат сите точки за влез и излез од Грција на конкретниот граничен премин кон Македонија.
Според грчката телевизија Скај, заедно со полицијата на границата пристигнал и обвинител за да ги информира земјоделците за евентуалните последици во случај да постават блокада.
Граничниот премин е отворен, а земјоделците, кои на Богородица се со нивните трактори, револтот го изразија со палење пиротехнички средства.
Земјоделците од цела Грција во текот на денешниот ден одржуваат состаноци на кои ги информираат нивните колеги за вчерашната средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, а за утре напладне е закажана заеднички состанок на сите земјоделци за да ги одредат нивните следни чекори.
Со оглед на тоа дека првичните реакции по разговорите со Мицотакис се дека не биле исполнети сите нивни барања, сѐ поверојатно е дека ќе се интензивираат протестите и блокадите.