сабота, 27 јули 2024

Градоначалникот на Маврово Ростуше ветил дека ќе го укине решението за пристапен пат под пештерата Шаркова дупка

Вработените во Општина Маврово и Ростуше до последниот ден од својот мандат упорно го спроведуваат проектот „бетонизација на Маврово“. Досега само во нивниот мандат се изградени голем број урбанистички грдотии среде Националниот парк Маврово, покрај брегот на Мавровското Езеро, не почитувајќи ги базичните принципи за заштита на животната средина и пропишаните процедури. Пред два дена почетокот за изградбата на пристапен пат до уште еден огромен објект беше спречен од жителите на селото Маврово.

Објавено на

часот

Сподели

Револтирани од почетокот на работите покрај патот пред самиот влез во селото Маврово, жителите самоиницијативно пред две недели го стопираа ископот за пристапен пат до локација каде што е планирано да се гради уште еден огромен објект (дел од КП 158/5, КП 1104 КП 1330/1 КП 1903/1).     

Тие побараа објаснување од надлежните на Општината Маврово Ростуше. Два дена подоцна на лице место дошол градоначалникот Медат Куртовски. Откако видел за што станува збор, за местото, за локацијата, за сите опасности, градоначалникот заклучил дека тука не смее да се прави пат. Во непосредна близина е пештерата Шаркова дупка, а планираниот пат ќе го урне постоечкиот пат до пештерата. Мештаните се сеќаваат дека тука на времето се вршело и некакво минирање на теренот што само ја зголемува опасноста од одрони. Освен тоа, дел од патот проаѓа на дел од земјиште кое сѐ уште не е трансформирано. И она што е најголем проблем за овој општински проект, инаку на 2 февруари годинава потпишан од градоначалникот Куртовски, е прашањето како земјиштето е трансформирано од неградежно во градежно.

Градоначалникот им ветил на мештаните дека ќе мора да се најде решение како оваа дозвола за пат да се поништи, дека ќе се зачува автентичноста, посебноста, пејсажноста на овој дел на Националниот парк пред влезот во пештерата Шаркова дупка.

Инаку барател за изградба на овој пристапен пат е Љуљзим Селами, кој е познат по тоа што купува земјиште во Маврово од луѓе кои се иселени, потоа го трансформира земјиштето во градежно и го продава, се разбира по многу повисока цена.

Она што е исто така симптоматично во целата оваа работа е тоа што пристапниот пат бил трасиран од вработени во НП Маврово, а за тоа се споменува некоја сума од 7.000 евра. Од Националниот парк официјално велат дека тие не дале согласност за изградба на таков пат. Инаку, по трасата на пристапниот пат веќе биле обележани неколку дрва за сечење.

Уставниот суд веќе донесе решение за запирање на спроведување на некои урбанистички планови, по што, како дознавме, урбанистите од Општина Маврово Ристуше забрзано, и сабота и недела, ставиле во процедура десетици предмети за издавање решенија за градба, пред датумот на објавување на решението на уставните судии во Службен весник. За ова пред повеќе од три недели поставивме и официјално прашање до градоначалникот Медат Куртовски, но одговор немаме.

Од понеделникот во општината се и ревизорите од Државниот завод за ревизија, кои овој предмет го отворија на иницијатива на здружението Спас за Маврово.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ