Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека досега на телефонската линија во ПОЦ се јавиле 159 граѓани.
„Ги повикувам граѓаните да ги пријавуваат проблемите. Хигиеничарите ги извршуваат своите дневни обврски по реони меѓутоа сме свесни дека многу брзо откако ќе исчистат на одредена локација за кратко време може да се направи мала депонија, затоа упатувам апел граѓаните да ги пријавуваат проблемите на телефонскиот број со цел службите побрзо да ги решаваат проблемите со јавната хигиена. Во делот на урбаната опрема службите на ЈП ПОЦ може да ги побарате и доколку во вашата околина има скршена клупа која треба да се реконструира, искршена лулашка или сличо. Верувам дека ова ќе придонесе да имаме побрзи резултати и зголемување на јавната хигиена во општината“, се вели во повикот од градоначалникот Герасимовски.
Тој апелира граѓаните да пријавуваат собирање на кабаст отпад во сопствените домови, а не кревети, вц школки и одредени габаритни работи да исфрлаат самите и истите да стојат на одредена локација со денови.
Општината Центар потенцира дека ќе бидат казнати граѓаните кои ќе бидат затекнати како оставаат кабаст отпад пред контејнерите. Во меѓувреме, се вели во соопштението, цистерната на ПОЦ неколку пати во неделата ги мие улиците и контејнерите со цел да ја отстрани непријатна миризба и да ги освежи улиците од насобрана прашина.