петок, 24 јануари 2025

Голем енергетски форум под покровителство на ОН, годинава во Скопје

Тековните активности и проекти кои се реализираат во земјава со поддршка на организациите на ОН беа тема на разговор на денешната средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска со постојаната координаторка на Обединетите нации во Македонија, Рита Колумбија, при што беше нагласена одличната институционална соработка на сите нивоа.

Објавено на

часот

Сподели

Фокусот на дискусијата, информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, беше ставен на приоритетите во областа на зелената енергија, со акцент на развојот на обновливи извори и поддршката за проекти за енергетска ефикасност.

„Министерката Божиновска и Колумбија се согласија дека забрзувањето на инвестициите во соларни паркови, ветерни електрани и други зелени технологии е од суштинско значење за долгорочната енергетска стабилност на земјата и заштитата на животната средина. Исто така, беше истакнато значењето на националните приоритети во одржливиот развој и нивната усогласеност со глобалните стандарди, особено во контекст на целите за одржлив развој и националната развојна стратегија“, соопшти Министерството.

Посебно внимание, се додава во соопштението, беше посветено на подготовките за големиот енергетски форум, кој ќе се одржи во Скопје во 2025 година под покровителство на Обединетите нации.

„Форумот ќе ги обедини водечките глобални експерти, владини претставници и компании, со цел да се разменат најдобрите практики за правична енергетска транзиција и намалување на зависноста од фосилни горива. Оваа иницијатива е значајна можност за нашата земја да се позиционира како регионален лидер во примената на обновливи извори на енергија“, велат од Министерството.

Министерката Божиновска, нагласуваат, ја нагласи подготвеноста на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини да ги засили напорите за реализација на стратешки зелени проекти, при што ја изрази својата благодарност за постојаната поддршка од Обединетите нации, која е клучен двигател за одржлив развој и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

На крајот од средбата, министерката Божиновска и Колумбија ја потврдија подготвеноста за зајакнување на соработката и на техничко ниво помеѓу агенциите на ОН и Министерството, со цел реализација на проекти од кои директна придобивка ќе имаат граѓаните.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ