Првиот ден на собирот во Давос (20 јануари) се совпадна со денот на стапување на функцијата претседател на САД Доналд Трамп за што беше организирана голема церемонија. Јас би рекол дека собирот во Давос падна во сенка на настанот на кој се изврши инаугурација на американскиот претседател каде што присуствуваа исто така голем број на високи личности од политиката и бизнисот.
На веб страницата на организаторот е напишано дека СЕФ е независна меѓународна организација посветена на подобрување на состојбата во светот. Како што е наведено во неговата мисија, таа „ги ангажира деловните, политичките, академските и другите лидери на општеството да ги обликуваат глобалните, регионалните и индустриските агенди“.
Организаторот на СЕФ претходно ја имаше најавено следнава тема: „Соработка за интелигентно доба“ (Collaboration for the Intelligent Age). Притоа за дискусија беа предвидени пет клучни теми кои се критични за справување со различните прашања со кои се соочува глобалната економија: преобмислување на растот, индустриите во интелигентно доба, инвестирање во луѓе, зачувување на планетата и обнова на довербата.
Според она што го прочитав на веб страницата на организаторот, како и од неколку извештаи во познати медиуми, можам да заклучам дека на овој собир беа презентирани општи констатации за состојбата и предизвиците во светот и јавен повик кон јавноста за надминување на проблемите во меѓународните односи. Притоа нагласена е потребата од мирољубиво решавање на тензиите кои произлегуваат од геополитичката нестабилност и од неизвесноста со вештачката интелегенција. Дека треба да научиме да живееме во безбедни и праведни граници на Земјата и да обезбедиме еднакви услови за сите. Значи, вообичаени фрази на политичари, економисти, бизнисмени и лидери од меѓународни организации. Добронамерни фрази, но ништо ново.
Но да видиме како оваа политичка и бизнис елита се однесува во реалниот живот. Конкректно, учесниците политичари и богати бизнисмени допатуваа во Давос со авиони (меѓу кои и со тип Боинг-737) иако организаторот понудил бесплатен железнички транспорт за учесниците на собирот. Во Цирих, најблискиот голем аеродром до Давос, во првиот ден на настанот слетале 170 отсто повеќе авиони во споредба со просекот од претходните денови. А една од главните пет теми на собирот беше зачувување на планетата (климатските промени). Коментар не е потребен.
Според меѓународната организација Oxfam само во минатата година се појавиле 204 нови милијардери (во долари) така што нивниот вкупен број се искачил на 2.769. Оваа концентрација на моќ во рацете на малкумина со богатство и медиуми е неприфатлива и ова прашање треба сериозно да се решава бидејќи има големо влијание врз демократијата. Богатите бизнисмени имаат сé поголемо влијание врз владите со што се зголемува концентрацијата на нивното богатство. Богатите стануваат уште побогати, а сиромашните уште посиромашни. Значи разликите помеѓу богатите и сиромашните се продлабочуваат.
На овој собир меѓународната организација Гринпис (GreenPeace) имаше забележителни активности. Нивните претставници истакнуваат дека поради неправедните глобални даночни правила, многу богатите плаќаат многу малку данок, што е целосно непропорционално на нивното огромно богатство, влијанието врз климата и влијанието врз животната средина. Гринпис и сојузниците повикуваат на домашни и меѓународни реформи, кои ќе овозможат прераспределба на моќта и богатството за да се отклучат ресурсите потребни за социјални, еколошки и климатски активности. Тие гледаат на собирот како целосно губење пари и време.
Треба да се истакне критичкиот говор на овој собир на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш кој наведе дека светот се соочува со геополитички поделби, зголемени нееднаквости и напад врз човековите права. Тој предупреди на заканите од климатската криза и неконтролираната вештачка интелигенција. Тој додаде дека индустриите и финансиските институции кои отстапуваат од обврските за климата се „на погрешната страна на историјата“ и „погрешната страна на науката“. Гутереш кажа дека се работи на реформирање на институциите од глобалната финансиска архитектура и на Советот за безбедност на ОН.
Но, за реформирање на институциите потребна е реформа во начинот на размислување.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје