среда, 5 февруари 2025

Во 2024, во Македонија, зголемен увозот на автомобили – и нови, и половни

Во земјава годинава е забалежан раст на бројот на увезени и продадени нови и половни возила. Според податоците на Царинска управа, до декември годинава се увезени 49 462 патнички возила, од кои 12 170 нови и 37 293 половни. 

Објавено на

часот

Сподели

Има значително зголемување во однос на 2023 година, кога биле увезени вкупно 43 212 автомобили, од нив 9999 нови и 33 213 половни.

Во отсуство на службени податоци колку од увезените возила се продадени, и кои брендови биле најбарани, специјализраниот автомобилски сајт Бестселигнкарс, повикувајќи се на нивни локални партнери, објави дека пазарот на нови автомобили во земјава годинава бележи раст од 41,3% со околу 6 100 продадени нови автомобили до октомври годинава.

Кои се најпродавани автомобили во Европа во 2024 година

Во Европа во 2024 година се продадени близу 13 милиони нови автомобили, што е зголемување во однос на лани, а неприкосновен лидер на пазарот, пред „фолксваген голф“ (VW Golf) и „рено клио“ (Renault Clio), е „дачиа сандеро“ (Dacia Sandero).

Во последните три години, повеќедеценискиот европски лидер, „голф“, ја нема силата што ја имаше некогаш за да ја задржи својата водечка позиција на европскиот пазар. „Фолф“ е сè уште блиску до врвот, но, според аналитичарите на европскиот автопазар, клиентите ги промениле своите навики.

Така, во 2022 година, Европејците најмногу му веруваа на моделот „пежо 208“ (Peugeot 208), минатата година прв пат на еден електричен автомобил „тесла модел у“ (Tesla Model Y), додека годинава првото место ќе го заземе „дачиа сандеро“..

Во периодот  јануари-ноември 2024 година во Европа се регистрирани 245.686 возила „дачиа сандеро“, втор е „фолксваген голф“ – 198.886, а трет „рено клио“ со 195.930 регистрации. Следуваат „фолксваген т-рок“ (Volkswagen T-Roc )- 187.339 регистрации, „пежо 208“ – 183.740, „тесла модел у“ – 180.682, „тојота јарис крос“ (Toyota Yaris Cross) – 178.922, „шкода октавиа“ (Škoda Octavia) – 167.175, „тојота јарис“ (Toyota Yaris) – 164.496, а топ 10 листата ја заокружува уште еден модел на „дачиа“, „дастер“ (Duster) со 157.287 регистрации.

Романскиот производител во текот на 11 месеци продал повеќе од 245.000 примероци „сандеро“ на европскиот континент, што е за 14 отсто повеќе од лани во истиот период. „Голф“,иако бележи раст од 20 отсто, годинава е на второто место со близу 199.000 продадени возила, додека „клио“ е трет со само 3.000 регистрации помалку од германскиот адут, со раст од 9 проценти во 11-те месеци од 2024 во споредба со истиот период лани.

Иако оваа година бележи 20 отсто помала продажба во Европа, „тесла модел у“ со повеќе од 180.000 новорегистрирани автомобили и натаму зазема многу високо место во генералниот пласман. Во исто време, тој е убедливо најпродаваниот електричен автомобил во Европа.

 

„Тојота корола“ и „тесла модел у“ во трка за глобален „бестселер“

„Тесла модел у“, иако глобално бележи пад од 6,5%, со продадени 865.868 возила до октомври, останува во трка со „тојота корола“ за шампион по продажба во светот во 2024 година. Јапонскиот производител има продадено 901.991 возила „корола“, иако и тука има намалување од 1.9%.

На третото место по продажба во светот е рангирана „тојота рав 4“ (Toyota RAV4) со 836.258 возила (+13,7%), а потоа следи „форд ф-сериес“ (Ford F-Series) со 733.754 (-1,3%).

На петото место е „хонда цр-в“ (Honda CR-V) со 601.374 продажби (+5,9%), шести е „шевролет силверадо“ (Chevrolet Silverado) има 525.193 (-0,5%), а седми „хјунди тусон“ (Hyundai Tucson) со 497.606 продадени возила (-2,4%).

На осмото место е „тојота карми“ (Toyota Camry) со 474.973 нови регистрации (-8,9%), пред „киа спортејџ“ (Kia Sportage) со 448.693 (+4,9%) и “бид сонг“ (BYD SONG) со 442.275 продажби ( +42,2%).

Иако замената на традиционалните модели со дизел и бензински мотори оди побавно од очекувањата, ранг-листата на Топ 100 најбарани модели во светот покажува дека новите електрични возила го заземаат глобалниот автопазар, а автомобилската индустрија сè повеќе и повеќе се движи кон електрификација.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ