„Лицето Гоце Трајковски само се пријавило во ПС Кисела Вода“, потврдиле за МИА од МВР.
Трајковски, кој заедно со таткото убиеното девојче Вања, Александар Ѓорчевски, според досегашните искази на другите сведоци, прибирал докази и гледале видео снимки од околните објекти, е предложен како сведок во постапката од Јавното обвинителство.
Судијата на почетокот на последното рочиште на 20 декември годинава, информираше дека добил известување од МВР дека сведокот Гоце Трајковски не е достапен на органите на прогонот.
Обвинителката Жаклина Трајковска, рече дека Обвинителството не го повлекува предлогот за негово испитување, бидејќи, како што рече, постои можност да крајот на постапката да стане достапен и биде испитан за околности кои се значајни за постапката.
На брифинг со медиумите во Основното јавно обвинителство на 11 декември минатата година беше посочено дека Гоце Трајковски е осомничен за палење на објект во Кисела Вода во кој на горниот кат имало станари. Индикативно е дека настанот за кој е осомничен е неколку дена пред изјавата дека го боли глава за давање исказ пред судот.
Случајот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Ивица Стефановски. Следното рочиште е закажано за 27 јануари годинава.