петок, 7 февруари 2025

Ѓорѓиевски и Димитриеска Кочоска ја ажурираа соработката на ЗЕЛС и Министерството за финансии

Управниот одбор на ЗЕЛС денеска одржа средба со министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, при што теми на разговорот беа договорот со Светската банка, блок- дотациите во образованието, како и прашањето во врска со унгарскиот кредит.

Објавено на

часот

Сподели

Министерката Димитриеска Кочоска денеска за време на средбата посочи дека мотивот е пред сè, договорот со Светска банка, кој е поврзан со енергетската ефикасност на јавните објекти. Потсети дека договорот е потпишан во 2001 година и сè уште трае, но со забавена динамика, а таа ќе направи напор да се забрзаат работите.

„Сметам дека Министерството за финансии треба да биде во постојана комуникација со ЗЕЛС и со општините. Ние како министерството, на дневна основа комуницираме преку трезорот, но сепак треба да се слушнат и одредени проблеми кои што ги имаат градоначалниците во рамки на нивните општини, да се најдат заеднички решенија за одредени проблеми. Мотивот поради кој денес сум тука пред сè, беше договорот што го имаме со Светската банка и е поврзан со енергетската ефикасност на јавните објекти. Договорот е потпишан во 2021 година и сè уште трае, но беше со забавена динамика. Како министер, направив поголем притисок да се забрзаат работите, но сè уште не одат со тоа темпо со кое јас би сакала да одат“, рече Димитриеска Кочоска.

Таа додаде дека веќе е потпишан договор со една институција која дава поволни кредити, со кои треба да се инвестира во јавни објекти, со цел заштеда во енергијата, но и обезбедување на почиста животна средина, односно помало загадување.

„Токму од таа причина оставив шест месеци, да видам како ќе се движат работите околу овие проекти. Денеска седнавме да разговараме, во однос на проектот за кој издвојуваме околу 250 милиони евра од буџетот“, рече Димитриеска Кочоска.

Напомена дека на средбата се зборувало и за темите во делот на блок-дотациите во образованието.

„Се начнаа и темите во делот на блок-дотациите во образованието. Општините имаат проблеми со финансирањето на пожарникарите, со јавните претпријатија. Се начнаа повеќе теми, за кои за дел од нив можеме веднаш да дадеме одговор, за дел од нив треба заеднички да работиме и да ги промениме работите, затоа што секое одлагање на кој било проблем или нерешавање, само создава поголем проблем“, додаде министерката.

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски изјави дека ја поздравува посветеноста на министерката за финансии, напоменувајќи дека претходно имале целосна блокада од надлежните.

„Кога говорам конкретно за Министерството за финансии, ние имавме целосна блокада од таа страна претходно и никаква соработка. Ја поздравувам исклучителната решителност на министерката да дојде на оваа средба заеднички да разговараме за сите теми, за прашања и проблеми со кои се соочуваме 30 години како општини. Да ги отвориме овие суштински проблеми на општините, на јавните претпријатија, но и да започнеме процес во изнаоѓање на решенија. Многупати во минатото, во нашата држава и од страна на локалните власти и од централната власт сме се наоѓале во состојби каде што се констатира нешто што веќе било констатирано, но секогаш се наоѓало изговор за да не се решат проблемите“, рече Ѓорѓиевски.

Тој потсети на потпишаниот меморандум за соработка и разбирање со премиерот Христијан Мицкоски, за кој рече дека ќе се решат многу проблеми од минатото.

Тој најави дека во следниот период ќе оствари средба со Министерството за одбрана во врска со платите на пожарникарите.

„Со меморандумот за соработка потпишан со премиерот, веќе започнуваме фаза од која ќе се решат повеќе проблеми од минатото. Она што е суштински проблем, е поврзано со блок- дотациите, што денеска го дискутиравме заеднички. Во наредниот период со Министерството за одбрана, кое е надлежно во делот на пожарникарите, ќе направиме и една заедничка средба. Тоа се недостатоците во однос на блок-дотациите коишто стигаат до општините, а се потребни најпривн за покривање на платите. Тоа се средства за плати на пожарникарите. Слична е состојбата и со блок-дотациите во градинките. Имаме недостатоци и во процесот со стигнување на блок-дотации за основно и средно образование во општините. Го отвориме и прашањето за унгарскиот кредит, кое е сериозен импут и помош за општините. Ние сме исклучително благодарни на Министерството за финансии и на Владата што наменски средствата влегуваат во општините“, додаде Ѓорѓиевски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ