Во текстот се потсетува дека најновите протести почнаа по смртоносното уривање на бетонската стреа во Нови Сад и дека „не помина лагата“ дека стреата не била реновирана. Од тогаш, пишува Мартенс, редовно во 11:52 часот, времето на уривањето на стреата, низ Србија се одржуваат 15 минути молк.
„Тие политички симболични петнаесет минути сè повеќе се покажуваат како закана за власта, особено бидејќи се поврзани со големите демонстрации кои почнаа на универзитетите, но сега го надминаа академското милје“.
Франкфуртскиот весник потсетува дека главното барање на демонстрантите е објавување на целосната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, што, како што се уверени, ќе покаже дека СНС е во срцето на корупцијата. „Српскиот премиер Милош Вучевиќ, аѓутантот на претседателот Вучиќ, во неделата најави дека барањето ќе биде исполнето. Но тоа владата и претходно го вети и не го исполни“, пишува Мартенс.
Опишувајќи го владиниот контрамитинг во Јагодина, новинарот забележува дека критичарите на власта тврдат дека таму имало само приморани луѓе, вработени во јавните претпријатија и социјални случаи. „Сепак, еден дел од општеството и понатаму го поддржува Вучиќ“, пишува Мартенс. „Тоа се луѓето главно задоволни од економскиот развој и на кои сè посилниот националистички тон на власта не им пречи или дури им годи – има такви во Србија, особено во постарата генерација“.
Нејасно е, продолжува текстот, дали и како политичката енергија на протестите ќе прерасне во постојана партиска релевантна опозиција. „Студентите засега свесно се држат подалеку од сите опозициски партии. Се организираат на секој факултет по принципот на основната демократија со завидна дисциплина“, оценува Мартенс.
„Но, ако протестите не доведат до пад на власта како на 5 октомври 2000 година, останува отворено како незадоволството ќе се зацврсти и ќе стане парламентарно ефикасно“.
Се истакнува мислењето на некои демонстранти дека во Србија е укинат просторот за партиски ангажман бидејќи СНС ги контролира медиумите, изборните комисии, правосудството… „Но, ако се отфрли парламентарната опција како инструмент за политички промени, тогаш останува само народниот бунт – а Вучиќ, не само со контрамитингот, покажа дека нема да ја предаде моќта без борба“, наведува ФАЗ.
Се потсетува дека Вучиќ се заканува со „кобрите“, специјалната единица на полицијата. Тоа покажува, смета Мартенс, разлики во однос на Милошевиќ.
„На тогашниот српски властодржец на крајот и безбедносните сили му го свртеа грбот. Во денешна Србија тоа засега не е така. Исто така, во споредба со економски истоштената и со санкции изолираната Србија на Милошевиќ, денес таа балканска земја стои сосема солидно, а невработеноста е мала“.
Затоа, според Мартенс, следните недели во Србија ќе бидат возбудливи. „Земјата повеќе не е иста како пред несреќата во Нови Сад. Но сè уште не е решено дали протестите трајни ќе го разнишаат системот на власта на Вучиќ“.