„Србија гласаше, но ОБСЕ пријави случаи на неовластено користење јавни средства, заплашување гласачи и купување гласови“, објави германското министерство за надворешни работи.
„Тоа е неприфатливо за земја која има статус кандидат за членство во ЕУ“.
#Serbia has voted, but @osce_odihr reports misuse of public resources, voter intimidation and cases of vote buying. This is unacceptable for a country with EU candidate status.
— GermanForeignOffice (@GermanyDiplo) December 18, 2023
Владејачката Српска напредна партија (СНС) освои на парламентарните избори 46,3 отсто гласови, што во парламентот со 250 места ќе ѝ обезбеди 128 мандати, покажуваат прелиминарните резултати врз основа на 99,8 отсто преброени гласови.
Прозападната опозициска коалиција „Србија против насилството“ со 23,6 отсто од гласовите ќе има 65 места во парламентот, а социјалистите на актуелниот шеф на српската дипломатија Ивица Дачиќ со 6,6 отсто ќе имаат 18 мандати.
Меѓународните набљудувачи оценија денес дека предвремените избори во Србија во неделата ги одбележала доминацијата на претседателот на државата Александар Вучиќ во кампањата што, со неправедната конкуренција, пристрасните медиуми и бројни неправилности, придонело за нефер изборни услови.
Вашингтон не ги коментираше обвинувањата за неправилности, порачувајќи само дека сака да продолжи со Србија на јакнење на демократијата по изборите.
Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер им кажа на новинарите дека САД сакаат „да продолжат да соработуваат со идната влада на Србија за да се зајакне демократското управување и правната држава и да се напредува на полето на регионалната стабилност“.
Кремљ: Го поздравуваме успехот на Вучиќ
Кремљ изрази задоволство поради победата на партијата на Вучиќ на изборите во Србија, нарекувајќи ја пријателска и братска земја.
„Го поздравуваме успехот на Вучиќ“, им кажа на новинарите портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Поддржувачи на опозицијата се собраа вечерва во центарот на Белград на протест со барање да се расчисти прашањето со резултатите од изборите во српската престолнина во чија регуларност се сомневаат.