среда, 12 февруари 2025

Герасимовски бара поддршка од пратениците за закон за општокорисна работа за малолетници што вандализираат

Градоначалникот Горан Герасимовски очекува иницијативата за вршење општокорисна работа на малолетниците кои вандализираат во најкус можен рок да се преточи во закон, со цел да се намалат ваквите девијантни појави во општините.

Објавено на

часот

Сподели

“Очекувам во најбрз рок нашата иницијатива да се преточи во закон, барам поддршка од сите пратеници да ги поддржат новите законски измени за да може да го спречиме вандализмот во општините. По доставувањето на иницијативата од страна на ЗЕЛС до Владата очекувам ресорните министерства да предложат измени на законите што ќе се донесат по брза постапка во Собранието. Вандализмот е проблем кој мора сите ние заеднички, меѓуинституционално да го решаваме. Еве повторно, гледаме вандализам во центарот на градот, кај ‘Жена парк – борец’, каде што се скршени и откорнати клупи со расфрлан отпад. Ова мора да го стопираме“, вели Герасимовски.

Како што информираат од Општина Центар, нивната иницијатива била едногласно прифатена на последната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС и со неа се предвидува да се направат измени на постојните законски решенија, како Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата. Овие измени, сметаат од Општина Центар, ќе донесат позитивни резултати.

Како што велат од Општината, во многу европски земји, како Велика Британија, Луксембург, Шведска, мерката за општокорисна работа на малолетници кои вандализираат се покажала ефикасна за ресоцијализација на младите, едукација за вредностите како одговорност и почитување на јавните простори.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ