Скенирањето се изведе на неколку неолитски, енеолитски и бронзенодобни тумби и палафити, при што се направи увид во просторното уредување на овие населби.
Во текот на изминатите години, ЦИП има скенирано дваесетина предисториски населби, што овозможува нивна трајна заштита и прецизно планирање на идните истражувања. Со помош на примената на геофизичкото скенирање се добиваат егзактни податоци за позицијата на архитектонските обележја присутни на локалитетите. На тој начин се обезбедуваат информации со што ќе се оневозможи нивно оштетување или пак, може да се предвиди нивно прецизно истражување во иднина.
Геофизичкото скенирање на предисториските локалитети во југозападниот дел на Македонија е подржано од Министерството за култура и Фондацијата за проучување и заштита на тумбите. Носител на проектот е Центарот за истражување на предисторијата, а скенирањето е направено во соработка со Завод и музеј – Охрид, Завод и музеј – Битола, Завод и музеј – Прилеп и Принципат од Краков.