Критичарот на Кремљ и поранешен светски првак во шах Гари Каспаров кажа дека рускиот претседател Владимир Путин го убил Навални „споро и јавно“.
„Путин не успеа да го убие Навални брзо и во тајност со труење, па го уби споро и јавно во затвор“, смета рускиот шахист. „Навални беше убиен затоа што ги разоткри Путин и неговата мафија какви измамници и крадци се“.
Рускиот новинар и добитник на Нобеловата награда за мир Дмитриј Муратов смртта на Навални ја прогласи за „убиство“ и истакна дека до тоа довеле затворските услови.
Муратов беше уредник на прозападниот весник Новаја газета кој престана да излегува по руската инвазија во Украина, а во Русија е прогласен за „странски агент“ поради тоа што добивал пари од западни земји.
Писателот Борис Акуњин кажа дека Навални „станал бесмртен“. „Еден убиен Алексеј Навални ќе биде поголема закана за диктаторот од живиот Алексеј Навални. Диктаторот не може повеќе ништо против него. Навални стана бесмртен“, напиша Акуњин, кој е во егзил од 2014. „На крајот тој ќе го закопа Путин“.