Според проценката на Центарот за истражување на енергетиката и чистиот воздух (Цреа), ЕУ во текот на третата година на конфликтот во Украина од Русија купила нафта и газ за 21,9 милијарди евра, и покрај напорите на Брисел да ја намали зависноста на европските држави од руското гориво.
Од друга страна пак, ЕУ минатата година му испратила 18,7 милијарди евра финансиска поддршка на Киев, според Институтот за економија на светот од германскиот град Кил.
„Купувањето руски фосилни горива е, сосема јасно, слично на испраќање финансиска помош на Кремљ и овозможување на неговата инвазија. Тоа е пракса која мора веднаш да прекине за да се обезбеди не само иднината на Украина, туку и енергетска безбедност на Европа“, изјави аналитичарот и еден од авторите на извештајот Вајбхав Рагунандан, пренесува Гардијан.
Истражувачи собрале податоци за трговијата за да се процени вредноста на руското гориво продадено низ светот за време на третата година на конфликтот. Податоците за февруари 2025 сè уште не се достапни, но проценката е направена врз основа на увозот од јануари.
Во извештајот се наведува дека вкупната глобална заработка на Русија од извозот на фосилни горива во 2024 била 242 милијарди евра, а дека од почетокот на конфликтот во февруари 2022 достигнала 847 милијарди евра.
Економистот на Институтот во Кил Кристоф Требеш вели дека е впечатлива разликата меѓу помошта која донаторите ја собрале за војната во Украина и таа во некои претходни војни, тврдејќи дека европските донатори на помошта за Киев трошат помалку од 0,1 отсто од БСП годишно.
„Многу земји биле повеликодушни во конфликти од минатото. Германија, на пример, собрала многу побрзо и повеќе помош за ослободувањето на Кувајт во 1990/1991, отколку за Украина во сличен временски период“, тврди тој.