ГАЛЕРИЈА
Во Крива Паланка се одржа „Сусурига 2025“
Со дефиле во традиционални костими според некогашната градска традиција на маски и палење оган во чест на празникот Прочка, во Крива Паланка денеска се одржа манифестацијата „Сусурига 2025“, во организација на Општина Крива Паланка и фондацијата „Со срце за Крива Паланка“. Дефилето започна од плоштадот „Карпошово востание“, пред општината, продолжи низ централната градска улица, а на градскиот плоштад се одржа централниот настан што кулминираше со палење оган. На манифестацијата настапија „Осоговски биждеци“ од КУЗ Карпош, Крива Паланка, „Џоломари“ од Манастирец, „Трновски ветришта“ од КУД „8 Октомври“ Крива Паланка и „Бамбурци“ од Ратево. „Сусурига 2025“ беше заокружена со заедничка дружба на присутните, учесниците и посетителите, со топли пијалоци, веселба и проштевање во духот на христијанската традиција и утрешниот празник, Прочка.












