Годинава добитник на почесната наградата „Илинден“ е Федералната Унија на европските националности (ФУЕН), каде друштвото е полноправен член од 16 мај 2015 година.
„Благодарници се доделуваат на Љуфтим Спахиу, вршител на должноста македонски амбасадор во Тирана, институција Народен правобранител на Албанија, потоа на Елса Џелили, координаторка на друштвото Илинден за округот Елбасан и позната македонска активистка, Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) – Канада и на Ратко Лазарески, директор на весникот Нова Македонија“, објави друштвото.
Признанијата се доделуваат на лица за нивните особени заслуги за ангажман и перманентните активноси во насока на зачувување и одржување на македонскиот идентитет на припадниците на македонското национално малцинство во Република Албанија.
„И овој пат беа предложени повеќе институции и поединци, но од предложените избрани се оние кои со својот ангажман најмногу придонеле за подобрување и дисперзија на сознанијата за животот, историјата, културата и зачувување на автентичната македонска традиција на македонското население во Албанија“, пишува во објавата на друштвото.
Претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај, од негово и име на друштвото, им честита на добитниците со надеж дека истите ќе послужат како поттик за натамошен ангажман на наградените во нивната досегашна определба да работат во интерес на вистината за животот и ангажманите на Македонците во Република Албанија.