Заговорниците на обновувањето на купувањето руски гас, меѓу кои се функционери на Унгарија и Германија, наведуваат дека тој потег би можел да бие поттик и за Русија и за Европа да го поддржат мировниот договор за стабилизација на енергетскиот пазар на континентот, пишува лондонскиот весник.
Меѓутоа, на предлогот снабдувањето на ЕУ со руски гас да биде дел од договорот со Русија за завршување на војната се противат главните сојузници на Киев во Унијата, како и претставници на некои „источни членки“ на блокот, наведува ФТ.
Украина пред нешто повеќе од 1 месец го прекина транзитот на рускиот гас во ЕУ преку нејзина територија, поради што протестираат Словачка и Унгарија, двете членки на Унијата кои и понатаму зависат од рускиот гас.
Европските земји и понатаму купуваат руски течен природен гас (ЛНГ), додека Турски тек остана единствениот гасовод преку кој рускиот гас доаѓа во ЕУ.
Унгарија оваа недела објави дека ги добила „гаранциите кои ги барала“ од ЕУ за обезбедување на транзитот на енергија во европските земји по заканата дека ќе стави вето на санкциите против Москва. Набрзо потоа, Ројтерс извести дека Европската комисија ќе ги продолжи разговорите со Украина, Словачка и Унгарија за испорака на гасот.
Пред инвазијата на Русија во Украина во февруари 2022, ЕУ околу 40 отсто од вкупното количество гас го добиваше од Русија преку гасоводи, а водечки купувач беше Германија.
Извозот на фосилни горива претставува клучен дел од приходите на руската држава и придонесува на поттикнувањето на нејзината војна против Украина, поради што партнерите на Киев повикуваат на целосен прекин на купувањето.
ЕУ го сопре комплетниот увоз на руски јаглен, поголемиот дел од увозот на руска нафта и повеќе од две третини од увозот на руски гас, соопшти неодамна Европската комисија. ЕУ сака да ги елиминира сите руски фосилни горива од својот пазар до 2027 година.