По неколку недели во центарот на вниманието поради планот на американскиот претседател за преземање на автономната данска територија, и неколку дена по наводниот „ужасен“ телефонски разговор со Трамп, Фредериксен тргна на турнеја во обид да покаже единство.
По средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц, кој рече дека „границите не смеат да се поместуваат насилно“, Фредериксен рече: „Сакам да осигурам дека цела Европа стои заедно. Не само во однос на Кралството Данска, туку и пошироко.“
Фредериксен, која исто така се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон, додаде: „Секој во Европа може да види дека соработката со САД сега ќе биде поинаква. Барем тоа се тоновите што ги слушаме од Вашингтон во однос на трговската и економската соработка. Какви последици ќе има ова, засега не знаеме.“
Фредериксен, која вчера се состана и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, исто така рече дека „работи многу, многу напорно во моментов“ за да ги заштити интересите на Данска.
Трамп одби да ја исклучи можноста за употреба на воена сила за преземање на Гренланд, кој е дел од Кралството Данска и чија надворешна политика и одбрана Данска сè уште ја контролира. Изгледа дека тој дополнително ги зацврсти своите геополитички амбиции во текот на викендот, изјавувајќи: „Мислам дека ќе го имаме Гренланд“, а медиумите објавија дека ѝ се заканувал на Данска со царини.
На прашањето дали повторно ќе разговара со Трамп, Фредериксен рече дека нема да „влезе во конкретна календарска гимнастика“, но додаде: „Дијалогот што го водиме со Американците се одвива на неколку различни канали и нивоа“.
Фредериксен, како што пренесува Гардијан, рече дека Европа се соочува со „понеизвесна реалност“, за која е потребна поголема соработка.
„Потребна ни е посилна и порешителна Европа, која сѐ повеќе ќе стои на свои нозе, способна да ја брани и промовира Европа и европските интереси“, рече таа. „Мораме да преземеме поголема одговорност за сопствената безбедност.“
Водачите на ЕУ следниот понеделник ќе го одржат својот прв самит посветен на одбраната, на кој ќе разговараат за финансирањето и новите воени способности. Одбраната стана приоритет по руската инвазија на Украина, но враќањето на Трамп, кој претходно рече дека ќе ја охрабри Русија да ги нападне сојузниците во НАТО што не го плаќаат својот дел, го направи прашањето уште поалармантно.
Досега, повеќето лидери на ЕУ се воздржуваа од директно коментирање на запаливите изјави на Трамп за Гренланд, што изворите на Гардијан го нарекоа намерна стратегија. Висок претставник на ЕУ за британскиот весник изјавил дека е одлучено „да не се оди на принципот на одмазда, бидејќи тоа не се смета за корисно“.
Јануари беше тежок месец за Фредериксен, бидејќи САД го свртеа своето внимание кон Данска и јавно ѝ се заканија не само со царини, туку и со потенцијална воена интервенција поради Гренланд.
Во неделата вечерта, среде протекувањето информации за нејзиниот наводно „ужасен“ 45-минутен разговор со Трамп, Фредериксен на социјалните мрежи објави фотографија од вечера со лидерите на соседните земји, норвешкиот премиер Јонас Гар Стуре, шведскиот премиер Улф Кристерсон и финскиот претседател Александар Стуб, покажувајќи го нордиското единство.