сабота, 27 јули 2024

Франција поради нуклеарната енергија го кочи договорот на ЕУ за обновлива енергија

Објавено на

часот

Сподели

Ескалацијата на споровите за нуклеарната енергија со продлабочувањето на поделбите меѓу членките претставува уште еден удар за Зелениот договор на ЕУ, пренесува Радио Слободна Европа.

Париз ја повлече поддршката за нацрт-законот на ниво на ЕУ за обновливи извори на енергија во обид да обезбеди подобра позиција за својата нуклеарна енергија, пишува Фајненшл тајмс, посочувајќи дека Франција е на чело на коалицијата на држави на ЕУ што го блокираат договорот за целите за обновливата енергија.

Овој потег на Франција следеше додека во ЕУ полека се појавува поширока негативна реакција на климатските планови, бидејќи, како што наведува британскиот весник, реалноста што бара зелени транзиции станува сѐ поочигледна.

Во средата, членките на ЕУ требаше да се договорат за целта до 2030 година обновливите извори на енергија да сочинуваат 42,5 отсто од енергетскиот микс на Унијата.

Франција, која се потпира на нуклеарната енергија за производство на поголем дел од електричната енергија во земјата, посочи дека нема да го поддржи текстот, наведувајќи ја загриженоста дека водородот со ниска содржина на јаглерод произведен со електрична енергија од нуклеарните централи нема да биде вброен во тие цели.

Договорот, кој беше повлечен од гласањето на состанокот на амбасадорите на ЕУ доцна во вторникот, ќе овозможи договорените цели да станат закон на ЕУ по одобрувањето од Европскиот парламент.

Шест земји што се залагаат за користење на нуклеарна енергија, вклучително и Чешка, Бугарија и Унгарија, го следеа примерот на Париз и не го поддржаа договорот во средата. Од друга страна, владите од антинуклеарниот блок, вклучително и Германија и Австрија, силно се спротивставија на признавањето на нуклеарната енергија како чисто гориво.

Долгогодишните поделби околу нуклеарната енергија меѓу членките на ЕУ се продлабочија оваа година, откако земјите се судрија околу тоа дали нуклеарната енергија, која има ниски емисии на јаглерод, треба да се смета за исполнување на целите за обновлива енергија, според Ројтерс.

Тензии се разгореа и меѓу Франција, Шпанија и Германија – најголемиот потрошувач на енергија во Европа, кој минатиот месец ги затвори последните нуклеарни реактори – околу тоа дали планираните инфраструктурни проекти можат да ја користат нуклеарната енергија како извор на енергија.

Претставниците на владите на 16-те членки на ЕУ што се состанаа во вторникот во Париз го повикаа Брисел да ја искористи својата енергетска политика, вклучително и субвенциите за зелената индустрија, за поддршка на нуклеарната енергија. Брисел најави дека само одредени напредни нуклеарни технологии ќе добијат стимулации за зелената индустрија од ЕУ.

Еврокомесарката за енергетика Кадри Симсон на состанокот рече дека не е дозволено буџетот на ЕУ да се користи за производство на нуклеарна енергија, но дека планираните реформи на пазарот на електрична енергија теоретски би можеле да му помогнат на нуклеарниот сектор полесно да добие надворешно финансирање.

Француската министерка за енергетика Ањес Пане-Рунаше рече дека земјите што се залагаат за нуклеарната енергија најверојатно ќе се сретнат повторно следниот месец.

Во ЕУ, нуклеарните централи со капацитет од околу 100 ГВ произведуваат приближно една четвртина од електричната енергија во Унијата. Во декларацијата потпишана од учесниците на самитот, се проценува дека со дополнителни 50 ГВ од новите нуклеарни проекти до 2050 година, ќе се отворат повеќе од 450.000 работни места и ќе придонесат со 92 милијарди евра во европскиот БДП.

Покрај тоа, се наведува во декларацијата, намалувањето на увозот на фосилни горива ќе додаде 33 милијарди евра на трговскиот суфицит на ЕУ.

Чешкиот министер за енергетика и индустрија Јозеф Сикела рече дека големите количества електрична енергија без јаглерод што нуклеарните централи можат да ја обезбедат се достапен начин да се постигне декарбонизација.

Сепак, како што истакнува Ројтерс, нуклеарното производство не е обновливо и зависи од необновливо гориво, кое во многу случаи го обезбедува Русија. Нуклеарната енергија произведува и радиоактивен отпад.

Земјите од антинуклеарниот блок и активистите за климата велат дека фокусот треба да биде ставен на обновливите извори на енергија.

Ескалацијата на спорот за нуклеарната енергија претставува уште еден удар за Зелениот договор на ЕУ, вели Блумберг.

Разни елементи од договорот се доведени во прашање поради политичката загриженост на внатрешно ниво на членките, наведува Блумберг. Покрај Франција, каде што нуклеарната енергија игра главна улога, на договорот се противат и некои членки од Централна и Источна Европа, загрижени за трошоците на зелената транзиција.

Според изворите, Шведска, која претседава со ЕУ по принципот на ротација, сè уште не одредила дополнителен датум за разгледување на директивата за обновливи извори на енергија.

Покрај прашањето за учеството на нуклеарната енергија во производството на водород, оспорен е уште еден сегмент од Зелениот договор, наведува Блумберг.

Иницијативата „Дополни гориво во авијацијата на ЕУ“ (ReFuelEU Aviation), која има цел да ја зголеми употребата на одржливо гориво во воздушниот транспорт, според извори, исто така е повлечена од дневниот ред.

Одлуката на Франција предизвика гнев кај другите земји од ЕУ, кои го обвинија Париз дека во последен момент зел клучен дел од законот како „заложник“ со цел да извлече дополнителни отстапки, пишува Политико.

Застојот, вели порталот, што го создаде Франција предизвика споредба со ненадејниот потег на Германија претходно оваа година, кога го блокираше конечното одобрување на законот на ЕУ за забрана на продажбата на нови автомобили што испуштаат јаглерод диоксид од 2035 година.

Тогаш, по неколкунеделни расправии, Берлин конечно доби делумна отстапка од Европската комисија.

„Тоа не е убава слика“, рекол еден европски дипломат за Политико. „Двете земји треба да бидат лидери во Европа. Тие даваат навистина лош пример што другите во европската политика треба да го следат“, додаде тој.

Франција веќе доби мали отстапки во март, кога беше постигнат привремен договор по тешките преговори, во кои Франција се закани дека ќе го потоне законот доколку не се признае одредена улога за атомската енергија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ