Во неочекуван потег кој ги изненади француските власти, владата во Чад, клучен сојузник на Западот во борбата против исламистичките милитантни во регионот, на 28 ноември нагло го прекина својот договор за воена соработка со Франција. Деталите на повлекувањето како и евентуалното останување на дел од француските војници во централноафриканската земја допрва треба да се договорат, но првите борбени авиони „мираж“ денес се вратиле во својата база на истокот на Франција.
„Тоа го означува почетокот на враќањето на француската опрема стационирана во Ендџамена“, кажа портпаролот на француската војска Гијом Верне. Франција веќе ги повлече своите војници од Мали, Буркина Фасо и Нигер по државните преврати во тие западноафрикански држави и раширената антифранцуска атмосфера.
Повлекувањето од Чад означува крај на повеќедецениското присуство на француската војска во регионот Сахел и крај на француските воени операции во тоа подрачје. Франција има уште околу 1.000 војници во чад, а Верне кажа дека ќе бидат потребни неколку недели за да се доврши повлекувањето.