сабота, 27 јули 2024

Форин полиси: Одгласите на американското лицемерство

Објавено на

часот

Сподели

Кога, кон крајот на февруари 1986 година, слетав на меѓународниот аеродром Ломе во Того, првото нешто што го направив, дури и пред да го поминам миграционото, беше да го вклучам малото радио „сони“ што го носев насекаде со мене за да го слушам извештајот на Би-би-си за светските настани, вели Хауард В. Френч, колумнист на Форин полиси.

Во тоа време работев како хонорарен репортер од Африка, но веста што со нетрпение ја очекував беше од еден друг континент, за мене во тоа време сосема непознат: Азија. Таму, на Филипините, тој месец се случуваше драма. Народното движење формирано на темелите на масовните улични протести почна да го поткопува дотогаш неприкосновениот авторитет на долгогодишниот диктатор и американски клиент Фердинанд Маркос. Додека сè уште бев на пистата, слушнав дека опозициското движење, под слоганот „Народна моќ“, триумфирало и дека Маркос побегнал во егзил.

Тоа сеќавање ме прогонува од изборите пред две недели на кои синот на Маркос, Фердинанд Бонгбонг Маркос Јуниор, беше избран за претседател на Филипините по популистичката изборна кампања во која беа заборавени диктаторското владеење на неговиот татко и масивната корупција што го придружуваше. Враќањето на Филипините во сѐ поавторитарно владеење почна за време на лидерот во заминување, претседателот Родриго Дутерте, кој ја презеде власта во 2016 година, а чија ќерка Сара Дутерте сега е избрана за потпретседател на земјата. Настаните на Филипините даваат уникатна можност да се размисли за тоа колку е потребна напорна работа за да се создаде трајна демократија по години авторитарно владеење.

Нешто подеднакво незаборавно ми се случи кога бев во аеродромскиот терминал во Ломе пред толку многу години. Ми ги претресуваа торбите, цариниците ме однесоа зад параванот, а особено ги интересираше тоа што им личеше на машина за пишување.

Тоа ме означи како новинар, што значи како човек што може да биде опасен за диктатурата во Того, и ми наредија да ја отчукам секоја буква на тастатурата. Имаа теорија дека ако напишам каков било субверзивен материјал за време на мојот престој, тие ќе ги имаат отпечатоците од мојата машина, односно ќе знаат дека тоа сум бил јас. Тие никогаш порано немаа видено уред како мојот: тенок, лесен процесор на текст од јапонско производство, кој го печатеше текстот на специјална термална хартија, при што знаците на секоја машина се исти како и кои било други.

Беше тоа на разденување – како и за мене така и за светот – ера на епохални промени, но чии контури сè уште беа нејасни. Наскоро веќе никој нема да носи машини за пишување со себе, дури ни онакви на батерии каква што имав јас. Наскоро ќе дојде интернетот, а со него ќе застари и старомодната закана од самиздатот од која се плашеше тогоанската полиција, а пристапот до незамисливи количества информации ќе ги избрише границите.

Меѓутоа, дури и пред тоа, како што беше случајот на Филипините, почнаа да паѓаат некои од најозлогласените диктатури од доцната студеновоена ера. Тој ист февруари, три недели пред падот на Маркос, династијата Дувалие на Хаити, која беше на власт од 1957 година, исто така падна во народно востание, а Жан-Клод Бејби Док Дувалие отиде во егзил во Франција.

Јас продолжив да известувам за Хаити за Њујорк тајмс во текот на турбулентните години што следуваа. Диктатурата во малото Того се претвори во уште една династија, која опстојува дури и денес, под власта на Фаура Гнасингбе, синот на човекот чие владеење почна во 1967 година. Меѓутоа, по известувањето од Хаити и остатокот од Карибите и Централна Америка за Тајмс, се вратив во Африка и бев сведок на бран на кревка демократизација во една земја по друга, пркосејќи им на вообичаените предвидувања на политиколозите, кои тврдеа дека политичките транзиции како оваа може да се случат само во земјите со голема средна класа.

За некои можеби се чинеше дека Хаити, Филипините и Того немаат многу врска една со друга. Сепак, сите три земји, како и многу други земји што ме интересираат, беа сојузници или клиенти на Западот за време на најтешкиот дел од Студената војна, кога се чинеше дека Вашингтон (или Париз во случајот со Того) не ги интересира колкав гад е тамошниот владетел сѐ додека е „наш гад“.

Земете го Хаити, на пример. Бидејќи Соединетите Држави беа опседнати со тоа да го спречат преносот на кубанскиот револуционерен модел во други делови на американскиот континент, Вашингтон, со цел да ја задржи земјата во американскиот табор, го простуваше или во најмала рака го игнорираше тоа што Дувалие користи државен терор и масовно се богати на сметка на народот на Хаити. Истата логика важеше за Филипините (како и насекаде во Азија) и Африка, а најозлогласена беше практиката во Заир. Во овие случаи, американскиот стремеж да се спречи ширењето на кинеското или советското влијание беше поважен од секој обѕир спрема управувањето или демократијата.

Кога Маркоси побегнаа во 1986 година, најпознатиот симбол на нивната корупција беа 2.700-те пара чевли што првата дама Имелда Маркос ги остави во својот плакар. Тие всушност беа само мал симбол на предаторството што штотуку беше окончано: Претседателската комисија за добро владеење формирана на Филипините по востанието утврди дека соборениот диктатор скрил меѓу пет и десет милијарди долари, кои ги украл од Централната банка на Филипините за време на неговото владеење.

Неколку години подоцна, во Заир, бев еден од само неколкуте новинари што успеаја да ги заобиколат блокадите на улиците и да ги избегнат лојалните војници што го чуваа пристапот до аеродромот и бев сведок на бегството на претседателот на Мобуту Сесе Секо од Киншаса во мај 1997 година. Соединетите Држави му помогнаа на Мобуту да дојде на власт по краткиот и бурен демократски експеримент во тогашната Демократска Република Конго под премиерот Патрис Лумумба, кој беше брутално убиен со поддршка од Западот.

Овие настани беа инспирирани и од стравот од комунистичка зараза во Африка. Сосема е можно Мобуту во текот на 32-те години на власт да ги надминал дури и Маркоси по корупцијата, а се проценува дека во таа земја богата со минерали, каде што повеќето луѓе живеат во екстремна сиромаштија, проневерил околу 15 милијарди долари.

Малкумина во Соединетите Држави овие денови размислуваат за улогата што ја одигра нивната земја во поддршката на деструктивните режими во земјите што некогаш беа финансирани како Трет свет. Па дури и оние што размислуваат имаат многу погрешни сеќавања.

Земете го, на пример, фактот дека, иако со задоцнување, Вашингтон на крај одлучи дека историската плима одлучно се врти против неговите долгогодишни клиенти и одеднаш ги прекина врските со нив. Во случајот со деспотите соборени во 1986 година, Маркос и Дувалие, тоа се случи во времето на американскиот претседател Роналд Реган. Во случајот со Мобуту, Бил Клинтон беше тој што конечно раскрсти со него. Како се случи ова – или поконкретно – како Вашингтон се однесуваше откако ги напушти овие долгогодишни клиенти – ме фасцинира не само поради носталгијата кон мојата поранешна кариера, бидејќи известував од сите тие земји, туку и затоа што тоа зборува за плиткоста и кратковидоста на употребата на американската моќ.

На многу начини, историјата на улогата на САД во соборувањето на Мобуту и во периодот што следуваше е дури уште повознемирувачка од нивното соучесништво во соборувањето на Лумумба во 1960 година, а можеби и во неговото убиство следната година. Наместо да ја промовираат демократската транзиција во Заир, САД ѝ дадоа дипломатска поддршка на Руанда, која организираше тајна инвазија на својот сосед во 1996 година за да назначи нов лидер со очигледни диктаторски тенденции, по име Лорен Дезире Кабила. Тоа беше направено не во рамките на борбата против комунизмот, кој веќе беше занемарлива сила во светот, туку веројатно од желба на евтин начин да се воспостави мир во еден регион за кој на Вашингтон не му е нешто особено гајле.

Кога ја прашав тогашната државна секретарка Медлин Олбрајт за време на нејзината посета на Конго во 1997 година, таа за Кабила, кој веќе им се закануваше на противниците и ги блокираше истрагите за злосторствата извршени за време на инвазијата што го донесе на власт, зборуваше како за некој што „жестоко тргнал“ кон целите на „чесна влада и владеење на правото“. Тешко можеше да биде подалеку од вистината.

Во таа војна беа убиени милиони луѓе, а имаше и дела што подоцна Обединетите нации ги споредија со геноцид. Сепак, Вашингтон не сакаше да навлегува во тоа. Се чинеше како Африка да ја гледа како непотребно вртење на вниманието од проблемите што беа подостојни за трудот на една суперсила. И покрај сите американски ритуални повици за демократија, шест од седумте африкански држави што Олбрајт ги посети за време на турнејата беа раководени од авторитарни лидери, од кои некои Вашингтон експлицитно ги промовираше како освежувачка нова генерација за континентот.

Деталите за транзициите на долготрајните диктатури поддржани од САД во Централна Африка, Филипини и Хаити, се разбира, се разликуваат, но сите тие ја делат изгубената можност поради кратковидноста на американската одговорност и моќ. Тоа не значи дека САД можат и треба да се обидуваат да управуваат со внатрешните работи на други земји, ниту да имаат моќ, па дури и право да им наметнуваат демократски избори на други земји. Сепак, крајот на диктатурите што Вашингтон силно ги поддржуваше требаше да го отвори патот за создавање нови форми на ангажирање поповолни за појава на стабилна демократска влада.

Вистината е дека не постои општо прифатен инструмент да се постигне таков исход, но тоа само делумно се должи на наследените потешкотии и тешките предизвици што ги поставуваат поставторитарните транзиции. Ова подеднакво се должи делумно на мизерните и недоследни напори на западните земји во овој поглед, особено во поранешниот Трет свет.

Денес е тешко да се видат настани во земја како Филипините, каде што синот на Маркос тукушто беше убедливо избран за претседател, како еден вид историска одмазда – природен резултат на лошата работа на претходната генерација за институционално продлабочување на демократијата и нејзиното влијание врз животот на граѓаните.

Ваквите удари не се ограничени само на таканаречената глобална периферија. Во многу западни земји, на чело со САД, сега е вообичаено популистичките демагози да ги омаловажуваат клучните принципи на демократијата. Време е да се види дека кризата на демократијата се шири во сè поголем број западни земји и дека е поврзана со исходот во таканаречениот свет во развој, каде што многудецениското западно плакнење уста со демократските вредности без соодветни инвестиции конечно го зема својот данок.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ