„Со жалење морам да констатирам дека во изминатиот период многу малку е направено на оваа тема. И покрај формирањето на работна група за Национална стратегија за вештачка интелигенција во 2021 година, досега е одржан само еден состанок. Ова е загрижувачки и укажува на потребата од итно динамизирање на овие процеси. За разлика од нашите соседи, нашата држава се уште нема ниту регулатива, ниту законодавство, ниту етички стандарди за вештачка интелигенција. Постои реален ризик од неконтролирана употреба на вештачка интелигенција без соодветна регулатива што може да доведе до сериозни последици вклучувајќи и загуба на работни места, предрасуди или дискриминирачки практики. Меѓутоа, оваа ситуација не треба да се сфати како причина за обесхрабрување, туку како повик за акција“, рече тој.
Како што нагласи министерот, сите досегашни активности на националните и меѓународните експерти укажуваат дека правниот систем што ќе ја регулира вештачката интелигенција во иднина мора да биде дел од глобалниот правен механизам кој ги регулира дигиталните технологии воопшто и мора да вклучува кохерентен сет на обврзувачки и необврзувачки правила кои ќе го регулира на фер, морален и етички начин секојдневното користење на вештачката интелигенција во различни области од животот и работата на луѓето.
„Взаемната врска помеѓу правото, етиката, политиката и вештачката интелигенција не е еднонасочна улица, односно не само што правото или системот влијае на вештачката интелигенција туку и вештачката интелигенција влијае на општеството на различни начини. Во многу аспекти, вештачката интелигенција може да влијае на поинаков и подобар начин на примената на правото но и на полошо. Вештачката интелигенција веќе има директно влијание и врз економијата, врз политиката, образованието, културата, па и демократијата и човековите права. Можеме само да претпоставиме какво влијание ќе има вештачката интелигенција врз нашите животи во иднина. Нејзиниот развој и влегување во вашето секојдневие, денес отвора низа нови прашања – од прашањето за правниот субјективитет и авторството до одговорноста на роботите со вештачка интелигенција, прашањето за заканата за човековите права и демократијата од системите за вештачка интелигенција. Бројот или ширината на човекови права кои се засегнати од развојот и примената на вештачката интелигенција се зголемува од ден на ден. Неопходно е правото да одговори на тој предизвик и да ги заштити основните човекови права и слободи. Донесувањето на нови правила и измени на постојните треба да создаде правен систем кој успешно ќе не заштити од највисоката вредност водена од идејата за правда, морал и етика. Тој правен систем на национално и меѓународно ниво мора да биде составен од правни норми кои се меѓусебно усогласени и претходно договорени во општеството. Советот на Европа и Европската унија во изминатите неколку години усвоија низа документи поврзани со одредени аспекти на законското регулирање на вештачката интелигенција вклучително и аспекти на заштитата на човековите права“, рече Андоновски.
Директорот на Здружението на новинари, Драган Секуловски истакна дека преку вештачката интелигенција одредени граѓани кои што имаат потешкотии во разбирањето без разлика дали е тоа нарушен вид или слух, овие апликации им ги прават подостапни информациите што се присутни на интернет.
„Како посредник на граѓаните од аспект на новинарската професија вештачката интелигенција има одредени предности, а тие предности со лимитираните часови што ги имаме ние како граѓани во еден ден, некогаш тоа разбирање на тие информации може да биде корисно. Ако зборуваме за етичките дилеми, постои црна слика, односно таа која не е толку позитивна, а тоа е дека претераното користење на овој тип на платформи и навлекувањето на истите кои очигледно создаваат одредена доза на зависност ја намалува критичната мисла, се губи контекстот и сите овие апликации функционираат поврзани со социјалните мрежи. Не секогаш овие платформи даваат исти податоци во зависност од тоа каде барате. Овие алатки некогаш можат да ја доведат до заблуда јавноста, а со тоа да настане одредена опасност“, рече Сокуловски.
Даниел Браун, официјален претставник на фондацијата Конрад Аденауер, нагласи дека темата е многу опширна имајќи во предвид што се имаме по медиумите и што можеме да прочитаме во медиумите секој ден, која некогаш се сфаќа како закана а некогаш можност.
„Во Германија имаше една сторија дека вештачката интелигенција ќе замени илјадници работни места каде луѓето нема да бидат потребни. Но, од друга страна пак гледаат и можности за подобро да се завршуваат работите во државната администрација. Тоа е и шанса и предизвик во исто време. Уште сме во еден процес кој не може да ни даде конечен одговор на сите прашања во однос на тоа што може да направиме со ваквата технологија, но многу е важно да се дискутираат предизвиците на тие процеси“, рече Браун.
МИА