четврток, 24 октомври 2024

Фон дер Лаен во Европскиот парламент: Проширувањето на ЕУ меѓу клучните приоритети

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен најави дека проширувањето на Европската унија ќе биде меѓу клучните приоритети на нејзиниот иден мандат, доколку биде реизбрана.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Таа во својот говор пред Европскиот парламент предупреди дека пристапниот процес се заснова на заслуги.

Таа потврди дека ќе се погрижи сите земји да бидат подготвени, пред да се приклучат.

„Комплетирањето на нашата Унија е и во наш суштински интерес“, посочи таа.

„Историјата повторно повикува. Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија го направија својот слободен избор. Тие ја избраа слободата наместо угнетувањето. Ја избраа демократијата наместо зависноста. А некои од нив плаќаат висока цена за овој избор. Затоа мораме да го направиме нашиот избор и да покажеме цврста посветеност. Нивната иднина ќе биде слободна и просперитетна во рамки на нашата Унија“, нагласи таа.

Станува збор за говор во кој таа ја претстави својата визија за идниот петгодишен мандат.

Нејзиното именување треба да биде потврдено од Европскиот парламент, кој тајно ќе гласа во текот на попладневните часови.

За изборот на Урсула фон дер Лаен ќе ѝ треба поддршка од апсолутно мнозинство на Парламентот (повеќе од половина од членовите).

Гласањето за изборот на Фон дер Лаен е првата важна задача за новиот состав на Европскиот парламент, кој беше конституиран на 16 јули.

Во периодот од 6 до 9 јуни на територијата на Европската унија се одржаа избори за европски пратеници.

Околу името на фон дер Лаен веќе се сложија лидерите на државите и владите на ЕУ на самитот одржан на крајот на јуни.

Во случај да не добие поддршка од Европскиот парламент, тогаш лидерите мора да се соберат на вонреден самит за да се договорат за ново име.

Во спротивно, доколку Фон дер Лаен биде избрана, ќе започне процес на избор на нови комесари.

Имињата за идните комесари секоја земја членка ги предлага по принципот една земја – едно име.

Тие потоа мора да поминат низ процес на парламентарна проверка.

Европскиот парламент ги потврдува и идните комесари за новиот состав на Европската комисија.

Кандидатите за идните комесари се појавуваат пред парламентарните комисии на сослушувања за своите идни области на одговорност. Во септември започнува процесот на испитување на кандидатите.

Секоја комисија потоа ја оценува стручноста на кандидатот и ја испраќа до претседателот на Парламентот.

Негативната оцена може да ги наведе кандидатите да се повлечат од процесот, што веќе се случувало.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ