среда, 12 март 2025

Фон дер Лаен: Илузиите за европската безбедност се скршени

Илузиите за безбедноста на Европа се скршени и Европската унија мора веднаш да почне да инвестира значително повеќе во својата одбрана, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен во своето денешно обраќање пред Европскиот парламент.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Европскиот безбедносен поредок е длабоко потресен и нашите илузии се скршени“, рече шефицата на Комисијата пред европратениците во Стразбур во дебатата за заклучоците од самитот на Европскиот совет, европската безбедносна архитектура и поддршката за Украина од минатата недела.

По завршувањето на Студената војна, Европа ги намали трошоците за одбрана од просечните повеќе од 3,5 проценти на помалку од половина од тоа, истакна фон дер Лаен, потсетувајќи дека некои европски политичари веруваат дека Русија може да се интегрира во европската безбедносна и економска архитектура, додека други „се надеваа дека можеме неодредено да се потпираме на целосна заштита од Америка“.

„Мислевме дека уживаме во мировна дивиденда. Но, во реалноста, имавме само безбедносен дефицит. Времето за илузии сега помина. Европа е повикана да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана. Не во некоја далечна иднина, туку денес“, рече шефицата на Комисијата.

Фон дер Лаен изјави дека инвестициите во европската одбрана се неопходни поради ситуацијата во Украина и дека е итно неопходно да се пополнат „празнините во военото снабдување на Украина“ и да се обезбедат цврсти безбедносни гаранции на Украина.

Но, прашањето за одбраната не ја засега само Украина, туку безбедноста на цела Европа и на целиот наш континент, рече таа.

„Путин постојано докажува дека е непријателски сосед. Не може да му се верува, може само да се одврати. Знаеме дека рускиот воен комплекс произведува повеќе од нашиот. Кремљ троши повеќе за воени потреби отколку цела Европа заедно“, додека „опсегот на закани со кои се соочуваме се проширува од ден на ден“, предупреди Фон дер Лаен.

Презентирајќи ги заклучоците од минатонеделниот состанок на лидерите на земјите-членки на ЕУ и иницијативите на нејзината Комисија, Фон дер Лаен изјави дека членките на ЕУ сега трошат во просек нешто помалку од два отсто од БДП, додека анализите покажуваат дека трошоците за одбрана мора да се зголемат на повеќе од три отсто.

Најголемиот дел од инвестициите може да дојде само од земјите-членки, истакна таа, и рече дека затоа се предлагаат нови фискални правила според кои земјите-членки можат да издвојат дополнителни 1,5 отсто од БДП за своите одбранбени буџети. Така, земјите-членки би можеле да мобилизираат до 650 милијарди евра во следните 4 години.

Дополнително, земјите-членки ќе можат да го користат новиот финансиски инструмент САФЕ, односно одбранбени заеми на ЕУ во вредност од 150 милијарди евра во стратешки домени, како што се противвоздушна одбрана, развој на беспилотни летала и сајбер одбрана. Со овие заеми ќе се финансираат набавките од европските производители по повеќегодишни договори со фокус на заедничките набавки, објасни таа.

Шефицата на Комисијата најави и можност земјите-членки доброволно да пренасочат дел од своите средства од кохезионите фондови на проекти поврзани со одбраната, а одлуката за оваа опција ќе ја донесат Советот на ЕУ и Парламентот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ