петок, 18 октомври 2024

Фон дер Лаен го нападна Орбан за неговиот проруски став

Унгарија ја доведува во ризик европската безбедност, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во невообичаено директен говор, критикувајќи ги односите на Будимпешта со Русија и Кина.

Објавено на

часот

Сподели

Говорејќи за време на дебатата со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Европскиот парламент во Стразбур, Фон дер Лаен ја осуди неволноста на Будимпешта да им се приклучи на своите партнери од Европската Унија во помошта на Украина против руската инвазија, како и одлуките што ги зајакнуваат врските со Москва и Пекинг, пренесува Ројтерс.

„Светот беше сведок на злосторствата на руската војна. Сепак, сè уште има такви што за оваа војна не ги обвинуваат напаѓачите, туку оние што беа нападнати“, рече Фон дер Лаен, германска политичарка од десниот центар и поранешна министерка за одбрана.

„Сè уште има такви што за оваа војна не го обвинуваат (рускиот претседател Владимир) Путин поради неговиот копнеж за моќ, туку Украина поради нејзината жед за слобода. Затоа сакам да ги прашам, дали некогаш би ги обвиниле Унгарците за советската инвазија во 1956 година?“, додаде таа.

Како одговор, Орбан рече дека е „изненаден“ од говорот на Фон дер Лаен и отфрли каква било паралела помеѓу неуспешниот бунт на Унгарија во 1956 година против советската репресија и борбата на Украина да ја одбрани својата територија.

Тој го повтори повикот за прекин на огнот во Украина.

Орбан, кој е на власт од 2010 година и чија земја во моментов претседава со ЕУ, постојано е во судир со европските институции поради загриженоста дека ги поткопува демократските норми во Унгарија и негува блиски врски со Русија и Кина, спротивно од политиката на ЕУ.

Фон дер Лаен ја критикуваше унгарската програма за олеснување на визните ограничувања за Русите и Белорусите, како и договорот меѓу Будимпешта и Пекинг, кој им овозможува на кинеските полицајци да патролираат во Унгарија заедно со своите унгарски колеги.

„Како е можно унгарската влада да ги повикува руските граѓани во нашиот сојуз без дополнителни безбедносни проверки? Ова го прави новиот унгарски визен режим безбедносен ризик не само за Унгарија, туку и за сите земји-членки“, рече таа.

„Како е можно унгарската влада да дозволи кинеската полиција да дејствува на нејзина територија? Тоа не е одбрана на европскиот суверенитет, тоа е прикриен начин за странско мешање“, додаде Фон дер Лаен.

Таа, исто така, укажа на континуираната зависност на Унгарија од руските енергенси, откако многу земји во 27-члената ЕУ ја намалија зависноста како одговор на руската инвазија.

„Една земја-членка едноставно бараше алтернативни начини за купување фосилни горива од Русија. Русија повеќе пати докажа дека едноставно не е сигурен снабдувач. Нема повеќе изговори. Тој што ја сака енергетската безбедност на Европа мора пред сѐ да придонесе за таа безбедност“, рече таа.

Орбан, исто така, мораше да ги слуша критиките за неговиот домашен учинок од човекот што нашироко се смета за негов најопасен ривал, европратеникот од десниот центар Петер Маџар, лидер на партијата Тиса, која направи политички пробив на неодамнешните европски избори.

Маџар, поранешен член на блискиот круг на владејачката партија Фидес, стана познато име откако отворено раскрсти со владата, обвинувајќи ја за корупција на највисоките нивоа. Орбан, рече Маџар, ја претвори Унгарија од светла ѕвезда во „најсиромашната и најкорумпирана земја во ЕУ“, пренесе Гардијан.

Британскиот весник наведува дека Унгарија има повисок БДП по жител од Словачка, Грција, Летонија и Бугарија, покажуваат податоците на Еуростат. Сепак, таа е најслабо рангирана членка на ЕУ во индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнал.

Орбан беше критикуван и од голем број други европратеници, а копретседателката на групата Зелени, Тери Рајнтке, го сумираше расположението: „Не сте добредојдени тука“. Сепак, унгарскиот лидер доби и пофалби: десничарскиот германски пратеник Рене Ауст ја пофали неговата „решителна акција“ за миграцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ