Ова е Трет меморијален турнир под името „Средба на генерациите“ организиран од страна на семејството Јанчеви, а со идеја да се потсети на човекот чиј работен век беше посветен на унапредувањето на шаховската игра и негова организација на територија на Македонија.
Симболично, турнирот ја означи 87-годишнината од раѓањето на Лазо Јанчев, а право на настап имаа играчи на возраст од 64 години (бројот на шаховските полиња, како и возраста на Лазо Јанчев кога почина). За разлика од лани наместо 14 имаше 24 учесници, меѓу кои највозрасен беше познатиот спортски новинар во пензија, Атанас Костовски, кој е генерација на Лазо Јанчев.
Се играше по Швајцарски систем, според правилата за забрзан шах, со темпо од 10 минути за секој играч плус 5 секунди за потег. По седум кола како победник се издвои ФИДЕ мајсторот Јани Богоевски кој освои убедливи 6,5 поени. Зад него се најдоа уште двајца играчи со мајсторски титули, Александар Кралевски и минатогодишниот победник Љубомир Хаџи Манев.
Судија на турнирот беше ИМ Тони Кироски.