„Не е точно, ниту философија, ниту логика се исклучени. Но, како и да е, ова е драфт верзија поставена на јавна расправа. Сега прибираме сугестии, забелешки, предлози и откако ќе заврши јавната расправа ќе донесеме дефинитивен заклучок. Пред два дена бев на Филозофски факултет, имав средба со професорите, разговаравме многу конструктивно. Очекувам и нивна поддршка, затоа што ги сослушавме и ќе постапуваме по заеднички препораки, но првенствено во корист на учениците“, изјави Јаневска.
Во однос на предметот Сексуално образование, министерката посочи оти овој предмет останува како слободен изборен предмет во деветто одделение и продолжува во средното образование.
Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието информираа дека е изработена нацрт-концепција за реформи во гимназиското образование и ги повикаа сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со мислења, предлози и забелешки да се вклучат во јавната дискусија за усвојување на најдобрата верзија. Целта, како што посочија, е да обезбеди современ, инклузивен и конкурентен образовен систем, а коментари може да се испраќаат на веб страницата на Бирото за образование најдоцна до 31 јануари.
За студентскиот оброк и во однос на тоа дали ќе се зголеми сумата или бројот на студенти, таа нагласи дека се чека на резултатот од преговорите меѓу студентите. – Ставот е сосема јасен, веќе неколкупати сме го договориле . Во овој момент очекуваме резултат од преговорте меѓу студентите. Штом ќе го добиеме така и ќе постапиме, рече Јаневска, која денеска присуствуваше на промоцијата на првиот интегриран учебник по гинекологија и акушерство напишан на македонски јазик.