среда, 4 декември 2024

Филипче не се откажува од лидерска средба, од ВМРО-ДПМНЕ му порачаа дека е продолжена рака на Заев

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вечерва уште еднаш повика на одржување лидерска средба затоа што, како што оцени, само така ќе може да се смири сериозно наелектризираната атмосфера која веќе загрижува. Од ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното соопштение му порачаа на Филипче дека е продолжена рака на поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев кој според партијата, не се откажал од предавствата, аферите и криминалот.

 

Објавено на

часот

Сподели

„Ги повикувам лидерите на најголемите политички партии, Христијан Мицкоски, Али Ахмети и лидерите на Вреди, да седнеме и да разговараме, од тука треба да произлезе пораката за смирување на тензиите. Политичарите се тие што ја палат искрата и затоа сметам дека од тука треба да произлезе повикот за смирување на страстите. Ако некој ја одбие лидерската ќе сметам дека апсолутно има причина да се надева дека тензиите можат да донесат некаков политички бенефит. Не гледам причина зошто некој не би учествувал на таква лидерска средба. Сериозна е ситуацијата, а се остава сомнеж дека некој има интерес од вакво влошување. Само од таков медиум како лидерска средба, граѓаните може да сфатат, да разберат и вистински да ја примат пораката дека навистина ситуацијата треба да се смири. Инаку, ризикуваме сериозно да ескалира“, рече Филипче за 360 степени.

Според него, интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски што ја најави ДУИ нема да донесе ништо добро, ниту ќе испрати некаква порака, а може и да ја влоши ситуацијата.

„За жал, секојдневно расте националистичката реторика и се случуваат инциденти. ДУИ најави интерпелација за Тошковски, а ние излеговме со став за лидерска. Сметам дека интерпелација нема да донесе ништо добро, напротив, може да ја влоши ситуацијата. Има милион причини за интерпелација на Тошковски кој лошо менаџира, веќе една година не се справува добро ниту со криминалот по улиците, ниту со меѓуетничките инциденти. Меѓунационалните односи не треба да се решаваат со правни инструменти како интерпелација. Сепак, станува збор за еден дел од нашата политичката култура. За време на владеењето на СДСМ немаше ниту еден посериозен меѓуетнички инцидент“, објасни Филипче.

Според него, по евентуалната лидерска средба треба да се излезе на заедничка прес-конференција од која би се упатил повик за смирување на страстите зашто најбитни се мирот и стабилноста во државата.

Филипче е дециден дека во СДСМ нема кадровска криза. Напротив, како што нагласи, се шири платформата со вклучување луѓе кои вредат.

„Станува збор за луѓе со многу силен личен интегритет и искуство кои ни помагаат да ја прошириме платформата на којашто делува СДСМ. Тоа е фронт што ќе продолжи да расте, додека оваа влада работи без компас спротивно на интересите на граѓаните“, рече Филипче.

Став на партискиот лидер кој ја коментираше својата релација со Заев, е дека не треба да се расчистува со претходниците.

Токму на овој став на претседателот на опозициската СДСМ вечерва реагираше владеачката ВМРО-ДПМНЕ од каде му порачаа на Филипче дека е продолжена рака на поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев кој според партијата, не се откажал од предавствата, аферите и криминалот.

Според ВМРО-ДПМНЕ „новиот“ тим на „потрчкото на Заев, Венко Филипче се луѓе кои биле членови на поранешни НВО и Сорос активисти“.

„Аврамовска Мадиќ, не може да биде новото лице на СДС. Истата таа, ги осмисли измените во Кривичниот законик за амнестија на криминалците од СДС и ДУИ. Потрчкото на Заев, Филипче е само една обична марионета, која слепо ги следи наредбите на Зоран Заев, само за да не одговараат пред надлежните институции. Сегашното раководство на марионетата на Заев, лица од третиот и четвртиот ешалон во СДС, се лица кои се деца на Заев, израснати во СДС и одработуваат за нивниот лидер. Поради нив, Македонија седум години тонеше на економско, културно, здравствено и секое друго општествено поле. Тие се виновници за лошата инфраструктура, тендерите во здравството и обезличувањето на македонскиот народ. Ова е убедливо најлошиот избор во раководството на портчкото на Заев, бидејќи и самиот тој Филипче, не верува во луѓето што ги постави да бидат до него“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ