среда, 25 декември 2024

Филипче: Мицкоски е виновен за измамата со кошничките, расте сиромаштијата

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва во Битола на конференција на општинската организација, ја обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за дозволување на измамата со кошничките, преку која трговците профитираат, а граѓаните се соочуваат со растечка сиромаштија.

Објавено на

часот

Сподели

„Го слушам Мицкоски денеска вели дека срамота било тоа што го правеле трговците. Не господине Мицкоски, срамота е што вие дозволивте тоа да го прават и што тајно со нив се договарате, а во јавноста глумите загрижен политичар“, изјави Филипче, додавајќи дека вината за овој дебакл и грабеж на трговците е само на Мицкоски.

Според Филипче, по шест месеци владеење на ВМРО-ДПМНЕ, економската несигурност е се поголема, а стандардот на граѓаните продолжува да слабее. „Сметките растат, цените растат, а Владата со измами се обидува да ги излаже луѓето дека со нешто им помага“, додаде тој.

Претседателот на СДСМ ја оцени реалноста како сосема различна од онаа која ја презентира Мицкоски, и нагласи дека граѓаните тоа најдобро го приметуваат при посетите на маркетите. „Лажните кошнички за поевтини цени се трик на Мицкоски и трговците, со што тие печалат на маката на луѓето“, изјави Филипче.

Филипче истакна дека партијата веќе е крената на нозе и ги брани интересите на граѓаните. „СДСМ не е веќе истата партија од пред изборите. Интензивно сме на терен, помеѓу членовите, да го слушнеме нивниот глас и заедно да ги дефинираме следните чекори“, нагласи Филипче.

Тој истакна дека комуникацијата со членството е значително подобрена и дека партијата продолжува да ја зајакнува и да ги дефинира следните активности преку отворени дискусии и размена на идеи.

Филипче му честиташе на новоизбраниот претседател на Општинската организација на СДСМ во Битола, Методија Куновски, и му посака успешна работа. Тој истакна дека процесот за избор на претседатели на општинските организации на СДСМ е во завршна фаза и дека изборите се спроведуваат со широк консензус во рамки на самата партија.

„Изборот на луѓето е со широк консензус во рамки на самата партија и во рамки на општинските организации, и тоа е наша вредност“, додаде Филипче.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ