Филипче рече дека пд обвинителството очекува извештаите да бидат анализирани, но и да се истражи кој и зошто ги криел. Тој тврди дека додека бил министер за здравство лекови на Онкологија имало, вклучувајќи ја и ковид кризата.
Според Филипче вистината за Клиниката за онкологија која треба да ја знае јавноста е директно поврзана со Анкетната комисија која ја водеше Рашела Мизрахи, нарекувајќи ги лажни тврдењата дека не постојат извештаи за работењето.
„Мизрахи, од тогаш до денес, тврди дека јас имам одговорност во тој случај. Да ја потсетам јавноста, обвинувањето беше дека како тогашен министер за здравство, сум требал да водам сметка за тоа што биле обврски на Министерството за здравство кон Клиниката за онколигија и обратно, а се однесува на редовните шестмесечни извештаи за работата на Клиниката и стручните комисии. Сите извештаи добро и уредно пополнети и заверени беа доставени. Дури и во најтешките ковид времиња, кога имаше рестрикции во движења ниту еден онколошки пацинет и тоа пациентите го знаат, не беше оставен без терапија. Сето тоа било редовно сработувано во Министерството за здравство“, рече Филипче.
Мизрахи, додаде тој, тврди дека такви извештаи немало од Клиниката кон Министерството, дека немало стручна контрола од стручините комисии и сите овие изминати месеци.
„Има ли нешто позлобно од тоа да се прикрива вистината во еден таков грозоморен случај за политички поени, па згора на се, да се кријат докази од истражните органи“, рече Филипче.
На прес-конференцијата, Филипче ги покажа извештаите велејќи дека се од сите години кога бил министер, како и од сите стручни комисии по области согласно експертизата на која работат на Онкологија.
Тој побара одговори од Комисијата и од Мизрахи, но и од поранешниот министер за здравство Фатмир Меџити, дали, како и зошто овие извештаи биле криени.
„Дали е точно дека на барање на истражните органи, кои водат постапка за овој случај, овие извештаи не им биле доставени? Ги прашувам директно дали намерно се криеле извештаите за да ме вовлечат и да ме обвинат во скандалот? Откако овие извештаи беа доставени до мене јас ги доставив до Обвинителството и очекувам нормално да бидат земени и анализирани во рамки на постапката која таму се води, и очекувам да биде анализирано како и зошто биле криени“, рече Филипче.
Извештаите, како што рече претседателот на СДСМ и поранешен министер за здравство, кажа дека ги добил благодарение на чесни вработени во Министерството за здравство.
Според Филипче, против него се води политичка хајка. Очекува, како што вели, ВМРО-ДПМНЕ и Рашела Мизрахи итно да излезат и да ѝ се извинат на целата македонска јавност што ја донесоа јавноста во заблуда и го оцрниле неговото име, но исто така очекува обвинителството да се изјасни за овој дел од скандалот.
На новинарско прашање, ако во извештаите стоело дека лекови има, а од друга страна пациенти тврделе дека нема терапија за нив, зошто како министер за здравство не се посомневал дека нешто не е во ред, Филипче рече дека во негово време лекови имало „во секој момент за секого и во најтешките ковид времиња“.
За тоа дали ќе понесе одговорност откако во јавноста излегоа информации од вештачењата за несоодветно лекување на Клиниката за онкологија, тој покажа на извештаите.„Еве ја мојата одговорност во делот на обврските како министер за здравство во Министерството за здравство, за тоа за што бев обвинуван дека недостасувало, еве сега го прикажувам во јавноста дека не недостасувало и дека го имало редовно тогаш како извештај, како стручни комисии и нема да се мешам или да коментирам никаква работа во делот на обвинителството или во работата сега на стручната работа на лекарите сега. Да почекаме да видиме што ќе излезе од тоа“, рече Филипче.
На новинарско прашање, не откри дали и претходно имал средба со истражните органи во врска со случајот со Онкологија.
Пратеничката Мизрахи исто така на конференција за медиумите изјави дека Филипче е заглавен до гуша во скандалот Онкологија и дека неговиот прес е безмалку бесрамен.
„Филипче директно или индиректно во неговото неработење дозволи системски башибозук и непочитување на шеесетина законски одредби. Тоа се шеесетина дејствија спротивни на законите. Тоа се шеесетина дејствија со директно влијание по животите на пациентите.
Господине Филипче, се чини дека во паниката во која се наоѓате го заборавивте и се надевам дека го заборавивте, а не дека не го познавате Законот за здравствена заштита, па оттаму и вашата прес-конференција на која ме прозивате е во тотален хаос.
Господине Филипче, извештаите од институциите доставени до Министерството за здравство во периоди од 6 месеци се согласно член 110 од Законот за здравствена заштита и се доставуваат од директорот на установите. Стручните комисии господине Филипче ги формира министерот и немаат никаква врска со шестмесечните извештаи, инаку тие се согласно членот 226 б, ако ве интересира.
Да ве потсетам, господине Филипче дека согласно членот 295 надзор врз здравствените институции врши министерот и оттука следи неговата директна одговорност.
Да ве потсетам исто така господине Филипче дека за време на анкетната комисија вие некако на ништо не се сеќававте, затоа сакам директно да ве прашам: Дали единствената цел на вашата прес-конференција беше само срамно да се брани профитот на веледрогериите кои ги уценуваат здравствените институции со години. Тоа се истите оние веледрогерии кои преку уцените до здравствените институции ги крадат и во џеб на поединци ги ставаат парите на сите граѓани.
Господине Филипче треба час поскоро да признаете наместо да се давите во кал дека немало воспоставен систем, дека немало регистар, дека немало следливост на онколошката терапија, дека немало ништо освен системски башибозук“, порача Мизрахи.
Таа додаде дека доколку Филипче не сака да верува во фактите, тогаш ќе го потсетат 12-те милиони евра долг на Клиниката за онкологија, како и по неколку онколошки кризи меѓу кои и онаа познатата од септември 2023 година.
„Го информираме Филипче дека денес институциите ги адресираат и веќе работат на отстранување на недостатоците кои претходната влада на СДС и тој како министер во истата ги оставија под зад себе. Филипче мора да сфати дека ако тој како министер за здравство и претходната влада предводена од СДС мислеа барем малку на пациентите немаше да ја имаме состојбата што ја оставиле зад себе денес.
Господине Филипче бегање од одговорност нема да има!“ предупреди Мизрахи.