Филипче рече дека до нeговата партија СДСМ стигнуваат информации и од повеќе банки и од повеќе компании. Информциите од банките, според Филипче се дека веќе не може да примаат апликации на компаниите за парите од унгарскиот кредит, поради тоа што Владата нема да може да им ги исплати парите, како и дека бројот на апликации е сосема мал.
„Македонските компании требаше да добијат финансиска поддршка од унгарскиот кредит, меѓутоа засега нема никакви податоци за негово навистина ефикасно делење и спроведување. До нас стигнуваат информации за коишто сметаме дека Владата треба да одовори, а тоа е дека парите коишто беа наменети за компаниите од унгарскиот кредит практично се потрошени за друга намена“, рече Филипче на прес-конференција во седиштето на партијата.
Според него, затоа е сменет Законот за работа на банките и првпат на Македонската банка за развој и се дозволува да се задолжи директно во Буџетот, а не кај меѓународни финансиски институции како што тоа беше и до сега.
„Тоа значи дека сите компании коишто ќе аплицираат за таков кредит со ниска каматна стапка, ќе бараат пари односно Владата ќе бара да ги задоволи потребите диркетно од буџетот и веројатно и од други извори, а не од тој унгарски кредит којшто требаше да биде наменет за таа работа. Ја прашувам Владата дали навистина парите од унгарскиот кредит се потрошени или се трошат за друга намена. Дека парите коишто до компаниите треба да стигнат преку МБР треба да стигнат директно од буџетот и до други извори, а не од унгарскиот кредит и дали тие комерцијални банки коишто сега даваат практично со намалено темпо и динамика пари кон компаниите треба да бидат понатаму субвенционирани од Владата повторно од друг извор, а не од унгарскиот кредит“, рече Филипче.
Ја обвини Владата дека ја уништува и не се грижи, ниту за екномијата ниту за стандардот на граѓаните, а нема волја да прифати некакви законски предлози коишто доаѓаат од опозицијата со цел животот на граѓаните да се олесни. Според него, состојбата е крајно сериозна, и СДСМ ќе продолжи да предлага законски измени.
Според претседателот на СДСМ, македонската економија се движи во погрешна насока и наместо напредок кризата се прдолабочува.
„Во првите два месеци во 2025 година реализацијата на капиталните инвестиции е само 2,43 процнети. За споредба во истиот период минатата година биле реализирани 12,1 процент. Инвестициите во инфраструктури и економски развој се целосно запрени, без капитални инвестиции нема економски раст. Владата очигледно е дека нема капацитет да исполни ниту едно ветување за модернизација за развој иако беа нивните главни ветувања покрај другите“, рече Филипче.
Трошоците за живот во јануари 25 се зголемени за 4,9 проценти, а индексот на цени на мало пораснал за 5,2 проценти. Потрошувачката кошничка во февруари 25 достигнува 63.773 денари, за да преживее едно семејство потребни се три минимални плати, а како што вели, во време на Владата на СДСМ две минимални плати. Филипче рече дека платите стагнираат, покачувањето на минималната плата е под знак прашалник, бидејќи практично функционирањето на ЕСС е блокирано.
„Работниците и синдикатот бараат минимална плата од 450 до 500 евра, но Владата молчи. Социјалниот дијалог во таа смисла е целосно уништен. Работниците се оставени сами без сигурност, а економската неизвесност станува се поголема“, рече Филипче.
СДСМ, како што најави, ќе предложи е зголемување на платите и во приватниот сектор, а еден дел од трошоците да ги покрие Владата.
„Се надевам дека Владата овој закон ќе го прифати за разлика од сите други коишто ги одби и за минималната и просечната плата и за намалувањето на ДДВ на основните прехранбени продукти и за намалувањето на ДДВ на електричната енергија“, рече тој.
Продолжи дека индустриското производство опаѓа веќе четири месеци и тоа е јасен индикатор дека во декември 2024 година падот изнесува 1,4 проценти, во ноември 3,5, октомври 1,1, а во септември 7,9 проценти. Во првите два месеци во 2025 година, вели Филипче, буџетскиот дефиицит изнесува рекордни 7,8 милијарди денари.
„Државата троши многу повеќе отколку што прибира пари и се ствара навистина опасен јаз помеѓу приходите и расходите коишто ќе мора да се покрива со нови долгови, со нови задолжувања. Во тој контекст логично е што расте и јавниот долг и сега е над 70 проценти од БДП, Владата избегнува да ги објави притоа точните бројки, не работи бројчаникот, МФ исто така молчи“, рече претседателот на СДСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски одма врати дека средствата обезбедени преку кредитните линии од Унгарија се трошат наменски и дека Владата има донесено уредба со која точно се дефинирани начините како можат да се користат тие пари и дека нема нема основа за шпекулации за нивно ненаменско трошење.
Мицкоски посочи дека опозицијата може сешто да каже, но оти за се што е кажано треба да постојат докази.
„И да сакаме не можеме, Владата донесе уредба, одредени се начините како можат да се трошат средства од кредитот“, рече тој.
По однос самите средства обезбедени преку кредитните линии од Унгарија, тој посочи дека интересот е исклучително голем. Според информациите со кои располага, а за што, како што рече, на дневна основа го брифирала министерката за финансии, Мицкоски истакна дека само една од банките има побарувања во износ од 180 милиони евра за финансирање проекти.
„Кога ќе ги собереме сите банки, тој износ изнесува повеќе од 350 милиони евра, што значи дека и овие 250 ќе бидат малку. Можеби ќе треба повторно да ги користиме нашите пријатели и сојузници надвор од Македонија за нова кредитна линија под ултра поволни услови. Гледаме дека ова е начинот како да го развиваме стопанството“, рече тој.