Бразил има забрана за точење алкохол на спортските терени, поради големото насилство што ги одбележува, секојпат фудбалските мечеви во најфудбалската земја, но ФИФА побара од Владата на земјата, да се усвои „фудбалскиот закон“ со цел да има добро организирано првенство, а пред сè да се заштитат партнерите на ФИФА.
Ова најмногу важи за алкохолот, затоа што ФИФА има стратегиски партнери, како Бадвајзер, кои издвојуваат милиони долари за да се рекламираат на најголемата фудбалска приредба. Генералниот секретар Жером Валке е во инспекција на Бразил, и тој уште еднаш ги испорача барањата на ФИФА до Бразилците.
„Алкохолните пијалаци се дел од Мундијалот и ние ќе ги имаме. Извинете ме што ќе бидам арогантен, но за ова нема да преговараме. Фактот дека ние имаме право да продаваме алкохол ќе биде дел од законот“, рече Валке во Рио де Жанеиро, кој две години по СП е домаќин и на Летните олимписки игри.
Пивото и алкохолот се исфрлени од употреба на фудбалските терени со закон од 2003 година со цел да се спречи насилството, а некои политички партии и членови на парламентот и понатаму се противат на поништување на тој закон за време на СП.
Втор проблем се цените на билетите и најавата за продажба на билети по половична цена, што допрва ќе се регулира, најверојатно како „социјална категорија билети“ од по 25 долари во контингент од 300.000 билети.
Македонија за СП во Бразил ќе ги започне квалификациите во септември годинава, а противници во групата се Хрватска, Србија, Белгија, Шкотска и Велс.