петок, 31 јануари 2025

Фицо се закани дека ако нема руски гас, нема да има ни европска помош за Украина

Словачкиот премиер Роберт Фицо бил принуден поради технички проблеми во белгискиот воздушен сообраќај да го откаже состанокот со претставници на Европската комисија на кој требало да се разговара за тоа како да се надмине ситуацијата со прекинот на транзитот на рускиот гас преку украинска територија кон Европа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Меѓународниот аеродром во Брисел соопштил дека не можеле да се извршуваат летовите во белгискиот воздушен простор, а проблемот бил предизвикан од дефект на главниот радар на Центарот за контрола на безбедност на воздушниот сообраќај.

„На пат кон Брисел бевме известени дека воздушниот простор над аеродромот во Брисел е затворен од технички причини. Пилотите ме информираа дека ќе мора да кружиме над Брисел најмалку час и половина, што значеше дека повеќе немам шанса да стигнам на закажаниот состанок со шефот на Европската комисија и комесарот за енергетика“, им кажа Фицо на новинарите.

Фицо за транзитот на рускиот гас требало да разговара со претставниците на Европската комисија, соопшти неговиот кабинет. Тој претходно кажа дека Европската комисија застанала на страна на Словачка во спорот околу рускиот гас со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според него, Брисел бара Киев „да ја врати идејата за транзит на гас преку украинска територија“.

„Во понеделник ќе се одржи неформален самит во Брисел, на кој ќе присуствувам. Веќе договорив со колегите дека ќе жртвувам дел од самитот за да се сретнам со комесарот за енергетика. Ќе повторам, доколку забележам дека Володимир Зеленски нè влечел за нос околу транзитот на гасот, ќе преминам на заемни мерки во следните чекори, меѓу кои, на пример, ќе биде финансиската помош за Украина“, кажа Фицо.

Исто така додаде дека Словачка би можела да има проблеми со пополнување на складиштата за гас кон крајот на годината поради прекинувањето на транзитот на руски гас преку Украина.

Европската комисија претходно објави дека е спремна да ги продолжи преговорите со Украина за снабдување со гас преку нејзиниот систем и дека во оваа дискусија треба да се вклучи на само Словачка, туку и Унгарија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ