четврток, 26 декември 2024

Фаворит за нов германски канцелар е милионер кој во слободно време е пилот

Германскиот опозициски лидер Фридрих Мерц, конзервативниот ривал на Олаф Шолц, е фаворит за нов канцелар по распадот на владејачката коалиција во Германија, а тој ветува промена надесно по прашањето за миграцијата, како и враќање на традиционалните вредности.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Се чини дека неговата упорност се исплати: на речиси 69-годишна возраст, оваа вечна надеж на конзервативците, која поранешната канцеларка Ангела Меркел долго време ја држеше настрана, веќе започна изборна кампања за предвремени избори, кои изгледаат неизбежни во Германија.

И се надева дека изборите ќе се одржат што поскоро.

Мерц во четвртокот го повика социјалдемократот Шолц парламентот да гласа за доверба на владата веќе следната недела и да не се чека јануари.

„Едноставно не можеме да си дозволиме неколку месеци да имаме влада без мнозинство“, изјави лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

Во најновиот барометар на јавната телевизија ЗДФ, овој во голема мера несакан ветеран на политичката сцена доби 48 отсто поддршка за водечката најголема европска економија, наспроти 37 отсто поддршка за актуелниот канцелар.

Фридрих Мерц е пилот во слободно време и има два приватни авиони.

Тој го презеде раководството на ЦДУ во јануари 2022 година по поразот на неговата партија на парламентарните избори, по два претходни неуспешни обиди во 2018 и 2020 година.

Оттогаш, тој работи на враќање на својата партија надесно, по центризмот за време на Меркел, и се обидува да ја измие сликата на човек воден само од желбата да ѝ се одмазди на поранешната канцеларка.

Во 2002 година Меркел го разреши од важната функција претседател на Клубот на пратеници, поради што во 2009 година се повлече од политиката и се премести во финансискиот сектор.

Како адвокат во голема бизнис фирма, овој татко на три деца, кој е оженет со адвокатка, се здоби со влијателни позиции во големи компании, вклучувајќи го и Блек рок, еден од најголемите менаџери на средства во светот.

Милионерот кој го оценуваат како арогантен е познат по промените во расположението и сарказмот.

Но, „Фридрих Мерц во моментов е одговорот на ЦДУ за успехот на АфД“, неодамна заклучи неделникот Ди Цајт.

„Ништо шарено и разновидно дома: неговото буржоаско, традиционално и богато семејно потекло (…) сè уште одговара, во голем дел од земјата, на идеалната социјална визија што ја делат агностиците, христијаните и муслиманите“, пишува Ди Цајт.

Тој не мисли дека во неговата влада мора да има еднаков број мажи и жени, а во миграциската политика го отфрла наследството на Ангела Меркел, која за време на големата мигрантска криза во 2015 година ги отвори вратите на Германија за стотици илјади Авганистанци и Сиријци.

Тој ги брани систематските протерувања на одбиените баратели на азил и криминалците и намалувањето на помошта за мигрантите. И покрај тоа што исклучува каква било владина алијанса со АфД, Фридрих Мерц не се двоуми да употреби слична реторика.

По нападот на млади луѓе врз службите за итни случаи во Берлин на крајот на 2022 година, Мерц ги опиша напаѓачите како „мали овчари“ од „арапските простори“ кои „всушност немаат што да прават во Германија“.

Мерц оцени дека украинските бегалци кои бегаат од руската инвазија практикуваат „социјален туризам“, чија единствена цел е искористување на германските услуги, но тој подоцна се извини.

Фридрих Мерц сепак е еден од најжестоките поддржувачи на германската воена помош за Киев.

На економски план зазема либерална позиција, блиска до партијата ФДП, со која дели приврзаност кон контроверзната „должничка кочница“, механизам кој ги ограничува новите долгови, но и инвестициските капацитети на земјата.

Мерц беше претставник на Европскиот парламент од 1989 до 1994 година и се претставува како убеден Европеец и жесток бранител на француско-германскиот мотор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ