„Потребен е ремонт, генерален реизбор на сите судии и јавни обвинители во втор и во трет степен. Како би одел тој реизбор, има неколку точки. Прво постепено, по една третина, тоа да не биде само формално. Што да бараме со тој реизбор – стручност, меѓутоа и докажан интегритет и покажани резултати во работењето“, рече Фетаи и додаде дека ни се потребни правници кои имаат способност да ја применуваат правната рамка, духот на правото и на општествените вредности кои правото ги штити.
Странските експерти порачаа дека во правосудството може да бидат само најдобрите правници кои се отпорни на влијание. Велат, поради строгите критериуми во Германија, судиите и обвинителите уживаат доверба поголема и од свештениците.
Поголема транспарентност во работата на Судскиот совет, јасни и прецизни законски одредби со кои ќе се регулира постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет, законски одредби за одговорност на членовите на Судскиот совет што ги избира Собранието и нивна можност за разрешување од органот кој ги избрал, транспарентност на правосудството што ќе подразбира да може да биде извршена граѓанската контрола, беа само дел од препораките и заклучоците на дебатата.
На дебатата учествуваше и заменик министерката Викторија Аврамовска Мадиќ, но таа не ги слушна ставовите на фелата бидејќи замина од дебатата по нејзиното обраќање.