вторник, 22 октомври 2024

Фајненшал тајмс: Србија индиректно извезла муниција за Украина за 800 милиони евра, се оддалечува од Русија

Весникот Фајненшал тајмс објави проценки дека Србија индиректно, преку други земји, од почетокот на конфликтот во Украина извезла во таа земја муниција во вредност од 800 милиони евра.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Србија дискретно ја засилува продажбата на муницијата на Западот што на крајот ја јакне одбраната на Украина – иако Србија е една од само двете европски земји кои не се придружија на западните санкции на Русија, наведува ФТ.

Според проценките објавени за Фајненшал тајмс, извозот на српска муниција која во Украина доаѓала преку трети страни изнесува околу 800 милиони евра, сума за која претседателот Александар Вучиќ наведе дека е главно точна, од почетокот на конфликтот во Украина во 2022 година.

Вучиќ ситуацијата ја претстави како бизнис прилика, инсистирајќи дека нема да застане на една или на друга страна во војната.

„Ова е дел од нашиот економски препород и е важно за нас. Да, ја извезуваме нашата муниција. Не можеме да извезуваме во Украина или Русија, но имавме многу договори со Американците, Шпанците, Чесите и други. Што потоа ти прават е нивна работа“, кажа тој.

„Дури и да знам каде завршува муницијата, тоа не е моја работа. Мојата работа е да обезбедам со муницијата да работиме легално, да ја продаваме. Морам да се грижам за своите луѓе, и тоа е тоа. Имаме пријатели и во Киев и во Москва. Тоа се наши браќа Словени“, кажа српскиот претседател.

Србија не е членка ни на НАТО ни на ЕУ, потсетува ФТ, а нејзините луѓе веќе долго имаат сентиментална приврзаност кон Русија додека не го сакаат Западот по НАТО бомбардирањето на нивната земја во 1999 година.

Белград смета дека Москва ќе го блокира меѓународното признавање на Косово, особено во ОН.

Вучиќ се спротивстави на притисокот на Западот да ѝ воведе санкции на Русија и дозволи да продолжат летовите кон Русија, иако вели дека е посветен неговата земја да стане членка на ЕУ. Исто така настојува да балансира меѓу двете страни и да ја задржи дистанцата меѓу себе и рускиот претседател Владимир Путин, наведува ФТ.

Учеството на Србија во протокот на муниција во Украина е доволно скриено за официјалните податоци да не го покажуваат, сметаат дипломати и аналитичари. Институтот за светска економија во Кил, кој ја следи поддршката за Украина, не ги следи директно српските активности и не наишол на систематски докази за придонесот на Србија, вели Кристоф Требеш, кој раководи со тој напор.

Српскиот министер за финансии Синиша Мали кажа дека одбранбената индустрија, која вработува 20.000 луѓе во земјата од седум милиони, би можела брзо да се шири.

„Јас тоа го гледам како деловна организација. Мислам дека сме уште далеку под капацитетот на развиените земји, но сега е времето“, кажа тој, а пренесува Фајненшал тајмс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ