сабота, 19 октомври 2024

Фајненшал тајмс: Путин, Де Гол и националната величина

Објавено на

часот

Сподели

Владимир Путин истото го чувствува спрема Русија. Додека уште можев да ја посетувам таа земја, Фјодор Лукјанов – надворешнополитички аналитичар близок до Путин – ми рече дека рускиот претседател го движи стравот дека неговата држава би можела трајно да го изгуби статусот голема сила.

Овој страв и параноја ја достигнаа својата кулминација со целосната инвазија на Украина во 2022 година. Меѓутоа, наместо да ја обнови руската национална величина, војната на Путин ја осрамоти и ја изолира неговата нација.

За разлика од Путин, вербата во националната величина на Де Гол не зависеше од подреденоста на соседите. Тој ја оконча војната на Франција во Алжир и ја прифати алжирската независност во 1962 година. Наспроти тоа, дури и по 30 години украинска независност, Путин не можеше да го прифати правото на Украина да ја обликува сопствената судбина.

Дилемите со кои се соочија Путин и Де Гол на некој начин се слични. Францускиот лидер имаше намера да ја обнови националната величина по понижувачкиот пораз и окупацијата во Втората светска војна. Путин распадот на Советскиот Сојуз по 1991 година го сметаше за понижување за Русија и „геополитичка трагедија“. Опусот на двајцата лидери ја покажува загриженоста за историјата на својата нација – и за сопствената судбина во нејзиното обликување.

Разликата е во начинот на кој Де Гол и Путин ја дефинираа „националната величина“. За разлика од Путин, Де Гол беше вистински воен херој кој повеќе пати бил ранет борејќи се за својата земја. Додека Путин бегаше на крајот на долгата маса за да го избегне ковид-19, Де Гол одеше низ Париз под оган за време на ослободувањето на градот во 1944 година.

Кога се врати на власт како претседател на Франција во 1958 година, многумина од француската реакционерна десница претпоставуваа и се надеваа дека Де Гол ќе ја засили борбата за да го задржи Алжир. Наместо тоа, тој склучи мир и ја прифати независноста. Така ги ослободи своите сонародници од товарот на срамна војна.

Де Гол беше доволно мудар да сфати дека водењето губитнички колонијален судир нема да ја обнови, туку ќе ја уништи француската величина. Како што напиша академик Фредерик Стар, „Де Гол успеа зашто замисли подобра иднина за Франција без Алжир туку со него“.

Ослободена од товарот на колонијализмот во Алжир, Франција можеше да гради нова иднина. Модерната Франција не е суперсила, но остана лидер во Европа. Таа е глобален играч во културата, дипломатијата, деловното работење, спортот и во воените прашања. Франција и понатаму има некои белези на статус на голема сила како што се нуклеарното оружје и постојаното место во Советот за безбедност на ОН. Меѓутоа, нејзината величина денес почива врз културата и глобалното почитување што го поттикнува, а не врз сурова моќ или врз територија.

Наспроти тоа, Путин не можеше да ја замисли Русија како постимперијална сила. Тој и понатаму ја дефинира руската величина низ способноста на својата земја да ја контролира територијата и да предизвикува страв. Де Гол е тој што е роден во 19-от век, но Путин е тој што се придржува кон 19-вековниот империјалистички поглед на националната величина.

Меѓутоа, во 21-от век, крвопролевањето што го предизвика Путин во Украина поттикна гадење наместо восхитување кај остатокот на Европа, ја изолираше Русија од соседите и го намали нејзиното влијание во поширокиот свет. Само 17 африкански лидери дојдоа во Санкт Петербург на неодамнешниот самит Русија-Африка, во споредба со 43-те што присуствуваа на истиот настан во 2019 година. Путин не може да патува на состанокот на БРИКС овој месец во Јужна Африка поради страв од апсење. Толку за националната величина. Русија и Франција во минатото се бореа за контрола на Европа, при што француските трупи кратко ја окупираа Москва во 1812 година, а руските трупи влегоа во Париз две години подоцна. Оваа испреплетена историја и понатаму создава извесен вид заемно почитување.

Модерна Франција секогаш ја гледаше Русија како голема сила што заслужува почит и важно место во поредокот на континентот што многумина ги иритира во Источна и во Централна Европа. Редоследните претседатели на Франција – вклучително Де Гол и Емануел Макрон – му нудеа соработка на Кремљ. Де Гол го измисли изразот дека Европа се протега „од Атлантик до Урал“. Макрон почна неуспешен обид за зближување со Путин непосредно пред инвазијата врз Украина во 2022 година.

Сепак, на крајот, Де Гол и неговите наследници избраа сосема различни патишта од Путин. Можеби најголемата разлика е во тоа што Де Гол сфати дека величината на Франција е неодвоива од начинот на кој постапува спрема своите граѓани и од политичката слобода.

Иако Де Гол често е обвинуван дека е инстинктивен авторитарец, тој се кандидираше за власт на вистински избори – и ги прифати правилата и културата на демократијата. Франција во 1968 година ја потресоа улични немири. (Некои работи никогаш не се менуваат.) Една година подоцна Де Гол изгуби на референдум, се повлече од местото претседател и се пензионира.

Наспроти тоа, Путин не може да ја раздвои својата визија за национална величина од својата лична моќ и своето богатство. Тој останува во Кремљ. Неговите неистомисленици се претепувани на улиците, затворани, терани во прогонство или умираат во сомнителни околности. На Русија ѝ е потребен нејзин сопствен Де Гол. Наместо тоа, таа заврши со бледа копија на Иван Грозни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ