Според податоците на Фајнанс тинк, во третиот квартал од 2024, БДП се зголемил за три отсто на годишна основа, продолжувајќи го забрзувањето кое отпочна претходно.
„Тоа е во линија со очекувањата изразени во претходниот Макроекономски монитор. Забрзувањето е водено од благото забрзување на приватната потрошувачка (1,9 отсто) и значајното интензивирање на јавната потрошувачка (13,3 отсто). Последното, пак, следи по значајното продлабочување на буџетскиот дефицит од 5,8 отсто за првото полугодие од годината, иако самиот трет квартал од 2024 заврши со скоро врамнотежен буџет (-0.5 отсто). Додека, бруто инвестициите (0.6 отсто), извозот (0 отсто) и увозот (0 отсто) стагнираат во третиот квартал, по падовите кои ги искусија низ целата 2023 и првото полугодие од 2024 година“, се наведува во анализата на Фајнанс тинк.
На производната страна, пишува во анализата, растот во овој квартал е скоро во целост воден од трговијата (10,6 отсто), како најголем сектор според номиналниот придонес кон додадената вредност, додека евидентен е падот на вториот по големина сектор, индустријата (-4.6 отсто).
„Невработеноста во третиот квартал од 2024 понатамошно благо се намали на 12,3 отсто. Во овој квартал продолжува намалувањето на воздржаноста на пазарот на трудот, имајќи предвид дека се креирани близу 7.000 нови работни места, а активноста на населението се подобри (52,6 отсто). Сепак, забележливо е дека најголем дел од работните места се создадени во земјоделството и индустријата, додека растот на додадената вредност во трговијата не е проследен со нови работни места, бидејќи таму бројот на работници е намален и во однос на претходниот квартал и во однос на истиот квартал од 2023 година“, велат од Фајнанс тинк.
Во третиот квартал од 2024, инфлацијата забави на 2,6 отсто (по благото забрзување на 3.9 отсто) на годишна основа, анализира Фајнанс тинк.
„Овие тенденции кај цените се во линија со очекувањата за целата 2024 година, за што во прилог оди благото олабавување на притисоците од страната на платите (благо забавен раст од 11,9 отсто и стагнација во однос на претходниот квартал). Но, потенцијални варијации кај цените на одредни групи производи и потезите на фискалната политика налагаат потреба од понатамошна претпазливост во однос на инфлацијата. Позитивната динамика на економијата се очекува да продолжи до крајот на 2024 година и во првите квартали од 2025 година“, велат од Фајнанс тинк.
Фајнанс тинк останува на проекциите за раст на БДП во 2024 година од 2,7 отсто и за раст на цените од 3,8 отсто дадени во претходните Макро-монитори.
Проекциите за 2025 година се раст на БДП од 3,5 отсто и раст на цените од 2,4 отсто.
Владата денеска преку соопштение тврди дека Македонија има највисок раст на БДП во Европа во третото тромесечје од 2024 година.
„Како Влада очекуваме раст на БДП и во четвртиот квартал со што на годишно ниво би се доближиле од 3 проценти, што е многу повеќе од предвидените 1,8 проценти на Светска Банка. Како Влада преземаме активности и насочени сме кон реализација на капитални инвестиции, како и привлекување на странски директни инвестиции се со цел да ја придвижиме економијата и да поттикнеме економскиот развој. Ветивме и се обврзавме како Владата дека ќе ја трансформираме Македонија напред“, пишува во владиното сопштение.