сабота, 1 февруари 2025

Европскиот фронт тврди дека Таравари врши притисок врз директори на Клинички сами да си дадат отказ

Изминатиов период луѓе во Министерството за здравство по налог на министерот Арбен Таравари вршат психолошки и институционален притисок до ниво на закани врз организациските директори, но и медицинските директори на клиниките иако имаат мандат, да се повлечат од функцијата, обвини на денешната прес-конференција пратеничката од Европскиот фронт, Рина Ајдари.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Пратеничката Ајдри истакна дека „Европскиот фронт“ нема да ги поддржи измените на Законот за здравствена заштита.

„Несфатливо е зошто се постапува вака, токму во моментот кога Собранието е во процес на предлагање на измена на Законот за здравствена заштита преку кои се предвидува укинување на организациските директори како посебна категорија. Зошто имаше потреба од сета ова итност да се донесе законот, иако видливо е дека овој предлог-закон содржи неаргументирано образложение, без јавна расправа со организации кои директно и индиректно се фактор во креирањето на здравствени политики како Комората на лекари и Комората на лекари Албанци“, рече Ајдари.

Според неа, ова јасно ја покажува сликата на нелегитимно компромитирано владејачко раководство со изразени карактеристики на полтронизам.

„Причините за како што се вели поефикасно функционирање, рационализација на трошоците и дуализам во одлуките, за жал ги погодуваат само албанските раководители на гореспоменатите институции. Здравството е еден од најчувствителните сектори на општеството и секоја неанализирана ад-хок промена остава непоправливи и долгорочни последици. Оваа власт без етнички легитимитет најде здравство со висок процент на правична етничка застапеност постигната со труд и пожртвуваност 22 години по ред“, рече Ајдари.

Координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт, Блерим Беџети истакна дека подготвуваат законско решение за Охридскиот договор во контекст на „мајскиот договор“, односно формулата правење владина коалиција победник со победник.

„Усвоивме три резолуции, ќе изготвиме и решение, бидејќи по вторпат се случува во нашава држава да не се почитува легитимитетот, а имајќи предвид каква е етничката реалност во оваа држава, тоа би довело, да се нарушат многу постигнувања до сега и точно и прецизно во духот на Рамковниот договор истовремено јавно објавивме дека е ангажиран и еден од тие што го изготвија Рамковниот договор. Значи во духот на Рамковниот договор да се прецизира со законско или уставно решение начелото победник со победник, односно партиите, кои го имаат етничкиот легитимитет и не случајно ние имаме политички став како Европски фронт дека оваа влада нема етнички легитимитет“, рече Беџети.

Пратеникот Садула Дураки одби да одговори на македонски јазик околу апсењето на косовски државјанин од страна на македонската полицијата, врз основа на потерница издадена од Србија. Ги упати новинарите сами да го преведат неговиот одговор, бидејќи, како што рече, албанскиот јазик е службен јазик. Тој на албански рече дека новата Влада е маша на Србија.

„Оваа Влада што е сега, која за жал ја игра играта на другите и станува маша на другите и маша на Србија, за жал спроведува некои работи што можеле елегантно да се поминат и војниците на ОВК слободно да се движат во Република Северна Македонија. Во новата Влада има министер, кој е поддржувач на Путин и министер кој не прифаќа независно Косово“, рече Дураки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ