сабота, 8 февруари 2025

ЕУ сериозно им се закани на властите на Република Српска

Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина им се закани на властите на Република Српска дека со најавеното донесување на закон со кој ќе се ограничи работата на невладините организации, но и ќе се укине родовиот идентитет сериозно го доведуваат во прашање својот европски пат.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Република Српска Милорад Додик оваа недела најави донесување строг закон за регулирање на работата на невладините организации и институции на цивилното општество. Сите такви организации кои примаат какви било донации од странство, доколку законот биде донесен, ќе бидат третирани како странски агенти, би им се забранила секаква политичка активност и би биле подложени на посебен режим на надзор, а ентитетското министерство за правосудство би имало овластување во секој момент без објаснување да ја укине нивната регистрација.

Слично законско решение парламентот на РС веќе разгледуваше во 2023, но ентитетската влада го повлече од процедура по предупредувањето од Брисел дека содржината е спротивна на вредностите на ЕУ.

„Ако е тоа прекин на европскиот пат, во ред. Нема вие нам да ни кажувате тука што да правиме“, кажа Додик најавувајќи го усвојувањето на законот.

Владата прифати и од кривичниот закон на РС да се избрише терминот „родов идентитет“, што во пракса значи укинување на заштитата од насилство и омраза на лицата кои родово различно се изјаснуваат во однос на полот од раѓањето.

„Европската Унија истакнува дека, ако Босна и Херцеговина тежнее кон иднина во ЕУ, не смее да отстапи од нејзините темелни вредности. За домашните власти е клучно да обезбедат средина која овозможува ефикасно функционирање на цивилното општество, во согласност со меѓународните обврски на земјата околу човековите права и европската перспектива, исто како и заштита на стандардот за забрана на дискриминацијата“, се наведува во изјавата на делегацијата на ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ