Аргументацијата со правата на малцинствата, како услов за отворање на поглавјата од преговарачката рамка на ЕУ, е веројатно еден од најлицемерните изговори смислени од претставниците на Унијата за блокирање на евроинтеграциите на Македонија. Она што се смета за вредност на македонскиот Устав, во кој се признати и наведени сите малцинства што живеат во Македонија, е злоупотребено во ЕУ-условот за уставни измени со нереципрочно воведување на бугарското малцинство. Притоа, Бугарија, како земја-членка на ЕУ, воопшто не е повикана да ги почитува истите тие европски вредности за правата на малцинствата и да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човеков права во корист на македонското малцинство во таа земја. Лицемерието на условот за правата на малцинствата како Копенхашки критериум се сведува на прашањето – дали тие европски вредности и критериуми важат и за македонското малцинство во Бугарија и Грција?
Правата на малцинствата се дел од оние императивни норми во меѓународното право, предвидени и со членот 53 од Виенската конвенција, кој се однесува на договори кои се во судир со императивната норма на општото меѓународно право, позната како јус когенс (jus cogens). „За целите на оваа конвенција, императивна норма на општото меѓународно право е нормата што ја прифатила и признала целокупната меѓународна заедница на држави, како норма од која не е дозволено никакво отстапување и која не може да се измени со нова норма од општото меѓународно право со ист карактер“, се наведува во членот 53 на ВКДП.
Правата на малцинствата произлегуваат од правото на самоидентификација на народите, од Повелбата на Обединетите Нации и сите меѓународни договори, во кои тие јус когенс-права се прекршени ги прави ништовни.
Професорот по меѓународно право, Игор Јанев, смета дека една од основите за оспорување и евентуално раскинување на Преспанскиот договор, (но и Договорот за добрососедство со Бугарија) може да биде и членот 64 од Виенската конвенција за правото на договорите, според која: „ако се создаде нова императивна норма на општото меѓународно право, секој постоен договор кој е во судир со оваа норма станува ништовен и престанува да важи“.
„Кога ЕУ не може да ги препознае културоцидните аспекти на Преспанската спогодба и бара од шефот на една држава папагалски да повторува ‘Северна Македонија’, дури и кога граматиката не прифаќа постојано повторување на префиксот (северна), тогаш јасно е дека надворешнополитичката (дипломатска) служба на ЕУ нема соодветна експертиза за јасна и соодветна процена на состојбата на човековите права. Папагалско повторување „Северна Македонија“ (правно како проста негација на „Македонија“ односно забрана оваа да се спомне одвоено) наликува на ‘новоговорот’ на Орвел во ‘1984’. И од правна и од политичка гледна точка идентитетскиот модификатор очигледно не е одржлив и спроводлив на подолг рок и претставува правна бесмислица. Настрана и фактот што модификаторот на идентитетот очигледно (за врвните експерти) претставува флагрантно кршење на императивната норма (самоопределување, самоидентификација, не-оспорување на идентитетот итн.), во смисла што се подразбира и во членот 53 од Виенската конвенција за правото на договорите. Во таа смисла, Виенската конвенција за правото на договорите ваквото модифицирање на идентитетот го опфаќа во членот 64 од истата конвенција, во која се предвидуваат и јус когенс нормите во генезата, односно развојот“ – вели професорот по меѓународно право Игор Јанев.
Виенската конвенција за правото на меѓународните договори е инструмент на меѓународното право, на кое најчесто се повикуваат малите земји и народи, но и често е ставено на тест од интересите и реалполитиката на големите сили. Малите држави како Македонија, секогаш треба да направат добра процена кога и како ќе ги искористат можностите на меѓународното право. Професорката по меѓународни односи и медијација, Ида Мантон смета дека за преземење чекори за раскинување на договорите, според опциите што ги нуди Виенската конвенција, тим од правни експерти треба да ги согледа опциите за решавање на споровите, но и последиците од нивната имплементација. Тој тим ќе ја советуваа извршната власт, која по природата на процесите не е сочинета од експерти во областите кои ги покриваат овие проблеми. За преземање такви чекори треба да бидеме поучени од брзоплетоста на претходните одлуки, кои нè доведоа до оваа особено контроверзна ситуација со евроитреграциите.
„Се наоѓаме во период на фрагментација, поларизација и непочитување на меѓународното право и во тоа предничат велесилите кои им оставаат простор и на малите држави да веруваат дека и за нив отстапките може да се допустливи. Тоа го подри тлото на универзалноста на меѓународните принципи. Откако Обединетото Кралство излезе од ЕУ (преку легитимен демократски процес), Америка излезе, па се врати кон Парискиот договор, па пак излегува сега со извршна наредба од повторно избраниот претседател, Русија воено ја нападна Украина и со тоа ги прекрши сите начела за мирно решавање на конфликти и меѓународно договорени односи, опциите за ескивирање, непочитување и неказнивост се сé почести. Би било непромислено Македонија да е ‘покатолик од папата’, а посебно бидејќи оваа власт доби мандат само заради разочарувањето на народот од Преспанскиот договор, францускиот предлог и посебно протоколите кои се во спротивност со многу меѓународни принципи. Виенската Конвенција дава простор за да се раскинат договорите , но одлуката е политичка, не правна.
Нашата држава, соочена со наметнатите спорови од соседите, за кои се бараат солуции со надворешни интервенции, досега мораше да инсистира на дизајниран, регулиран и предвидлив процес, и да изгради стручен тим во рамки на МНР кој ќе се занимава со сите аспекти на овие неизбежни процеси, за кои не доби вистинска, искрена и принципиелна поддршка од ЕУ и воопшто од меѓународната заедница која е одомаќинета во Македонија од времето на распадот на Југославија. Тој тим ќе имаше правни експерти кои ќе одговараа на овие прашања и ќе ја советуваа извршната власт, која по природата на процесите не е сочинета од експерти во областите кои ги покриваат овие проблеми. Затоа, за да се компензираат недостатоците од партизираноста на извршната власт, експертизата мора да се обезбеди преку создавање тимови со советодавна надлежност. Да имавме таков тим, тој ќе можеше да ѝ помогне и на јавноста да ги согледа опциите за решавање на споровите, но и последиците од нивната имплементација“, вели професорката Ида Мантон.
Во однос пак на принципиелноста на ЕУ во однос на прашањата за правата на малцинствата, Мантон смета дека Унијата треба да си ја признае грешката со Македонија, за да не се влезе во оксиморонска замка, кога тие прашања ќе земат замав со руското малцинство во Естонија, Латвија и Литванија.
„Ако Европа не сака да ја преплави бршленот од Русија, ќе мора да го подкастри и кога тој се шири во нејзините рамки, инаку ќе има проблем да се одбрани ако тој земе замав во Естонија, Латвија и Литванија. Македонија требаше да биде преседан со кој Европа ќе покажеше доследност и принципиелност и немаше да дозволи Грција и Бугарија да протнуваат империјалистички уцени во европското ткиво, оти може да изгледа лицемерно ако го бара обратното за своите балтички членки. Можеби помала е загубата ако Европа си ја признае грешката со Македонија со време, за да не се доведе во оксиморонска замка па да трпи поголеми загуби во вакви турбулентни времиња кога на испит се ставени нејзината безбедност, силината на партнерствата кои ги нуди и местото на преговарачките маси каде се кројат светските политики“, вели Ида Мантон.
Јасминка Павловска
„Кога ќе дојде време, сѐ ќе кажам“: До Преспанскиот договор на балкански начин